Груевски: Мерките што ги предлага опозицијата се необмислени

Премиерот Никола Груевски денеска оцени дека предлозите што ги дава опозицијата се необмислени, некои изгледаат комично, а некои се веќе исполнети од Владата.

- Јас отсекогаш сум бил за тоа дека опозицијата треба да дава предлози, меѓутоа треба да се даваат обмислени предлози. Тука е моментално проблемот кај СДСМ. Имаат прилично необмислени предлози, вели Груевски прашан за мерките на опозицијата  што ги промовира изминатиот период.

Премиерот Груевски при тоа ги подели предлозите на СДСМ во три категории.

- Една категорија предлози кои изгледаат малку комично, од типот дека туризмот во Крушево ќе го решат со тоа што ќе се прошири распустот на децата во училиштето. Тоа делува комично. Ќе ги дуплираат субвенциите за земјоделците. Замислете, тоа беа луѓе кои воопшто не даваа субвенции за земјоделците, а сега откако ние даваме по 135-140 милиони евра годишно, тие велат дека ќе ги дуплираат и тоа на луѓето им звучи смешно, рече Груевски.

Кога беа на власт, додаде, ништо не даваа.

- Втора група би биле предлози кои се контрадикторни. На пример, претседателот вели една работа, потпретседателот друга. Во една прилика Заев вели дека 450 евра ќе била најмалата плата, а Шекеринска вели десет илјади денари. Има и други такви примери, рече Груевски.

Во третата група се работи, како што појасни тој, што ние веќе сме ги исполниле.

- На пример, кажаа дека за наводнувачки системи ќе давале по 10 милиони евра годишно, а ние веќе даваме по 18 милиони евра годишно. За копање бунари, за да се стимулираат оние на кои им требаат, ќе давале 30 отсто субвенции. Ние веќе даваме 100 отсто субвенција, рече Груевски.

Премиерот Груевски додаде оти убаво е да се предлага, да се даваат идеи, здраво е за општеството, за Владата, за власта и за владејачките партии кога опозицијата дава предлози. - Ние со задоволство би зграпчиле некои од тие предлози и веднаш би ги имплементирале, но тоа да се обмислени предлози и предлози што држат вода, рече Груевски.