Стотина компании побарале од Владата странскa експертска помош

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

               

Почитувани,

Сакаме да информираме дека заврши првата фаза од проектот на Владата на Република Македонија за обезбедување на странски експерти за потребите на домашните компании, и истовремено и да истакнеме дека од денеска почнува и втората фаза од проектот која ќе резултира со конкретно доведување на експертите во Република Македонија и нивна поддршка во функција на домашните компании согласно процедурите и истакнатите потреби.

Проектот во првата фаза ги постигна целите кои беа предвидени. Она што радува е дека компаниите го препознаа бенефитот од проектот и покажаа голем одѕив за користење на услугите од истиот, односно се пријавија околу 100 компании кои вработуваат околу 10000 работници. Притоа се јавија компании од сите реони на државата, од различни економски сфери и од сите видови на претпријатија според обемот на дејност и вработеност.

Согласно територијалниот аспект, најголем број на компаниите се од скопскиот регион или 48 компании, од Битола 8, Прилеп 7, Струмица 6, Охрид, Струга, Виница по 4 и така натаму, со пријави на компании од сите реони во државата.

Во однос на дејноста најголем број од компаниите се од преработувачката индустрија или 25 од пријавените, 11 компании од информатичко-комуникациската технологија, 8 од земјоделството, 6 од градежништвото и од други сектори, меѓу кои и од трговијата, сметководството, образованието, енергетиката и други.

Она што е особено значајно е дека имаме пријави од компании од различна големина, мали, средни и големи претпријатија. Со 5 вработени лица имаме 6 компании, со вработени од 5 до 50 лица 59 компании, со вработени од 50-150 лица 21 компанија, со вработени од 150 до 300 лица се пријавија 6 компании, од 300 до 700 вработени имаме 11 компании, и 2 компании со над 700 вработени кои се пријавија на огласот.

Овие показатели даваат приказ дека суштината на проектот е добро смислена, дека има корисност и дека компаниите се интересираат за поддршката која ја нуди проектот.

Втората фаза започнува од денеска, со тоа што во следниот период од 30 до 45 дена, значи некаде до крајот на годината ќе бидат разгледувани поднесоците и пријавите од компаниите, а стручни тимови ќе посетат и дел од овие компании со цел да се поразговара со менаџментот на истите, да се увиди конкретниот профил на потребниот експерт, делот од производствениот, технолошкиот или пак услужниот процес каде што е потребна таа експертиза и на тој начин да се конкретизира и прецизира видот на експертот.

Потоа, по овој дел, во јануари следната година, Владата ќе испрати барање до меѓународните организации кои се партнери во процесот, кои се стручни и специјализирани за оваа намена и кои во своите регистри имаат голем број на експерти за различни потреби. Досега е веќе воспоставена соработка со организации од Холандија и Германија, а се прават обиди да се обезбеди и ваква помош и од САД и Швајцарија. По добивањето на одговорот од организацијата до Владата, понудениот експерт ќе биде проследен до компанијата која ќе може да направи комуникација со него, да поразговараат и да ја увидат можноста и правецот на соработката, да се намалат точките на ризик и да се прецизира интервалот на соработка и конкретните процеси од истата. По конкретизацијата на овие процедури експертот ќе дојде во Република Македонија и ќе соработува и функционира за потребите на домашната компанија која пројавила интерес за тоа, ќе учествува во нејзината работа, и тоа во интервал кој е потребен за тоа. Притоа, како што беше кажано, најголем дел од компаниите нема да имаат никаков трошок за ангажманот на експертот, освен во определени исклучоци и тоа со задолжителна претходна согласност на компанијата за учество со минимален партиципативен надоместок, со цел поголема инклузивност помеѓу двата субјекта, но тоа ќе биде исклучок, правилото е дека компаниите нема да бидат подложни на трошоци, особено не од поголем обем.

Веруваме и очекуваме дека со овој проект и со обезбедувањето на странските експерти за потребите на домашните компании, ќе се даде значителна поддршка на истите, што ќе придонесе за нивна поголема ефективност, продуктивност и профитабилност, отворање на нови работни места, што ќе значи и можност за општ економски раст и развој на државата.