Започна реконструкцијата на детската градинка „Весели Цветови“ во Делчево

Во Делчево денеска започна реконструкцијата на детската градинка „Весели Цветови“, која покрај нова столарија ќе добие и проширување на просторните капацитети. На отпочнувањето на работите присуствуваа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, градоначалникот на Општина  Делчево Дарко Шехтански и директорот на детската градинка Тони Ивановски.

- Со реконструкцијата на детската градинка „Весели цветови“ го прошируваме нејзиниот капацитет со четири нови простории  на простор од 450 метри квадратни во кои поголем број деца ќе можат да уживаат во секојдневната игра и едукација со своите врсници. Ќе се изврши промена и интервенции на покривот, замена на прозори и врати и интервенции во системот за греење. На овој начин, градинката ќе се вброи во мрежата на енергетски ефикасни градинки од што придобивка  ќе имаат децата затоа што ќе растат во еколошко опкружување и воедно ќе градат добри навики за однесување кон животната средина, а заштеди ќе има и во одржувањето на самиот објект, рече Спасов.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, тој потенцираше дека Министерството во своите стратешки определби  има за цел постојано да креира политика на подобрување на системот на заштита, односно згрижување и воспитување на децата. Во тој контекст посочи дека во соработка со општините, започната е изградба на нови објекти за градинки. Информира дека со утврдени рокови и темпо на реализација,  до крајот на годината треба да биде финализирана  изградбата на четири  градинки.

Особено значајни за потребите на граѓаните за згрижување и воспитување на нивните деца, потенцира Спасов, се отворањето на групи во други просторни услови во руралните населени места. Согласно со предвидената динамика за 2013 година, отворени се 11 групи во други просторни услови,  а до крајот на годината планирана е адаптација на уште четири групи, во рамки на овој проект кој, подвлече, ќе продолжи во наредната 2014 година.

- Во овој процес, активно се вклучува и приватниот сектор и донатори поединци, кои со нивното инвестирање во градењето или опремувањето на градинките, покажуваат висока општествена одговорност, порача министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој притоа уште еднаш ја повика бизнис заедницата да бидат партнери.