Почнаа проверките на моторичките способности на кандидатите за полициски службеници

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ги посети новите кандидати, кои од понеделникот ги почнаа проверките на моторички способности, како дел од тестирањата за прием на нови полициски службеници.

За пополнување на 400 испразнети работни места, пријавени се 5.503 лица, од кои 820 се жени. Најдобрите кандидати кои ќе ги поминат сите фази од селекцијата ќе ја отпочнат едногодишната обука, по која со најдобрите 400 ќе бидат склучени договори за вработување.

- Ќе водиме посебно внимание за правичната застапеност и од аспект на етничката, но и од аспект на родовата застапеност. Очекуваме дека на крајот на процесот на селекција ќе добиеме квалитетна група која ќе може да одговори на сите задачи кои ќе им претстојат во период што е пред нив, изјави Јанкулоска.

Околу 20 проценти од вкупниот број пријавени, посочи таа, успеваат да ја завршат првата фаза од квалификацијата, што е, потенцира, сосема доволно за дополнителна селекција во понатамошните тестирања.

Предуслов за натамошно продолжување со селекцијата, како и при претходниот прием на полициски службеници, е минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3.200 метри за 13,30 минути и 10 згибови на вратило за мажи. За женските кандидати минимумот изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3200 метри за 16,30 минути, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата.

По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази.

Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена.