Вработените од владиниот проект ги потпишуваат решенијата за вработување

Сите лица кои добија вработување преку владиниот проект за вработување лица од социјална категорија во текот на неделава ги потпишуваат решенијата за засновање работен однос, а на работа ќе почнат да одат од 2 декември.

Портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција рече дека процесот се одвива транспарентно и дека  тие заедно со договорот за вработување потпишуваат и спогодба за прераспределување во институциите каде тие ќе бидат преземени од „Македонски шуми“.

Како што појасни, во „Македонски шуми“ ќе останат да работат 60 до 70 лица, а другите ќе бидат распределени во другите институциите според програмата направена од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, а врз основа на потребите на институциите.

На 2 декември овие лица ќе се појават на работа онаму каде се прераспределени, некои во Архивот, некои во Музејот, некои во Министерството за образование и наука, во Управата за јавни приходи и слично.

По стапувањето на работа ќе има процес на обука.

Ѓорѓиев информираше дека конечната ранг листа е 1.600 лица при што 113 лица се изземени по повеќе основи, а на 113 лица им се прифатени поднесените жалби. 

- Комисијата која одлучуваше по жалбите фунционира во „Македонски шуми“ и прифати 113 жалби од страна на лица за кои се увидело дека согласно документите и податоците кои се добиени од страна на државните органи ги исполнуваат овие критериуми и тие  се внесени во рамките на овие 1.600 лица. Во меѓувреме имаме отпус на 113 лица од таа листа, кој е направен по повеќе други основи. На пример 80 лица од тие што претходно ги исполниле условите и биле најдобро рангирани во меѓувреме додека траеше процесот се вработиле дали во приватниот или јавниот сектор и на тој начин го изгубиле правото да бидат вработени како резултат на овој проект. Има околу 25 лица кои во меѓувреме, додека траел процесот, ги исполниле условите за старосна пензија. И има околу 5-6 случаи кои по други основи, некои сами, побарале да се исклучат од ранг листата. Се заокружува бројката од 113 лица кои се внесени во оваа листа и 113 лица кои се изземени, рече владиниот портпарол.