Со три премиери на „Вечна куќа“ почнува сезоната во новиот објект на МНТ

Со три премиери на претставата „Вечна куќа“ на авторот Јордан Плевнеш и режисерот Дејан Пројковски, на 7, 8 и 9 декември почнува сезоната во новиот објект на Македонскиот народен театар. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Благоја Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски.

Директорот на МНТ, Дејан Лилиќ денеска на прес-конференција во фоајето на театарот рече дека неколку месеци наназад доаѓале често пати во објектот за да ја гледаат сцената, можностите и она што го нуди текстот и авторот.

- Од 7 декември ќе видиме едно ново лице на македонскиот театар и на МНТ и на она што овој талентиран народ може да го покаже со техничките можности, но сега ни се отвора да ги реализираме сите оние желби и соништа кои не сме можеле да ги направиме, истакна Лилиќ.

Во појаснувањето за тоа зошто ќе има три премиери, рече дека имаат можност да направат и 20 премиери, толкав е интересот за да дојдат сите на премиерната изведба на „Вечната куќа“. Лилиќ посочи дека по примерот на големите европски и светски театри одлучиле да направат три премиери една по друга и дури симболично се врзуваат за големиот верски празник „Св.Климент Охридски Чудотворец“ на 8 декември.

- Во претставата учествуваат 70 или 80 актери, голем број студенти на Факултетот за драмски уметности и на Факултетот ЕСРА, што значи еден сплет на генерации, актери кои се во пензија, кои се во своите најдобри години, млади актери и актери кои треба да стапнат на овие наши театарски македонски сцени, истакна Лилиќ.

Додаде дека голем уметнички потенцијал влегува во создавањето на овој продукт на оваа претстава.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска рече дека се потрудиле максимално да вложат голем труд, енергија и посветеност новиот објект на МНТ да се реализира, да биде ставен во функција на целата уметничка фела која ќе го користи со цел презентација на уметничките и културните вредности кои ги поседува државата.

Таа посочи дека е горда на сето тоа и оти посебно ја радува што денеска е соопштена и првата премиера во новиот објект на МНТ.

- Навистина ми е драго што редовно доаѓам на пробите каде што можам да ја видам таа силна уметничка енергија која ја поседуваат актерите. Посебно ме радува што успеавме таа најсовремена аудио и визуелна опрема да биде од врвот во технологијата, нешто што многу ретко го поседуваат театрите што ќе биде за нивно успешно функционирање, создавање претстави, коопродукции со други држави, покани на други театри да доаѓаат тука и сите заеднички да создаваат дела кои ќе ја отсликуваат нашата уметност, нашата моќ во уметноста и моќта во културата која ја поседуваме, истакна Канческа Милевска.

Изрази очекување дека во идниот период театарот максимално да биде искористен од сите актери без оглед каде тие работат.

- Месец декември ќе биде посветен уште на девет претстави. Од јануари си почнуваат со репертоарот. Се потрудивме како Министерство за култура да направиме еден објект според проектантските решенија, според сите оние капацитети кои беа дадени во проектната програма и да создадеме едно дело кое навистина ќе ја отсликува нашата богата културна слоевитост, уметничка вредност и објектот да биде во интензивна функција и придонес за нашата уметничка фела, додаде министерката Канческа Милевска.

Авторот Плевнеш рече дека се е врзано за една куќа покрај Вардар.

- Тоа беше чеховски сон да напишам пиеса за три женски лика Искра, Дарија и Драгана. Тој чеховски сон го најдов во тој цртеж во една архива во Лисабон каде беше нацртана куќа на брегот на Вардар изградена 1492. Во таа пиеса куќата е главниот простор и се случи таа приказна во мојот живот за таа девојка која заминала од куќата покрај реката Вардар што ги носела 100 клуча. Тука се отвори тој чеховски клуч на сопственоста. Значи сега Македонија нема да биде само центар на универзалната идеја, туку ќе биде простор каде што може да се сондира секоја куќа во светот...,истакна Плевнеш.

Режисерот Пројковски посочи дека претставата „Вечна куќа“ има нешто во себе многу интересно кое се поврзува со отворањето на театарот.

- „Вечната куќа“ зборува за луѓето сега и тука, но зборува и за сите луѓе кои претходно живееле во еден одреден простор. Така некако и нашата претстава ги собира во себе сите актери кои играле и во античките театри и во театрите низ годините до денес и ги собира сите историски духови раскажувајќи ја приказната дека Вечната куќа е една и единствена. Претставата наликува на едно патување на човекот во сопственото срце, рече Пројковски.

Додаде дека главниот лик во претставата Стела Бенвениста доаѓа од Ерусалим во Скопје и со тие 100 клучеви отворајќи ги собите, го отвора своето срце и тука почнува да патува и да ги бара одоговорите на сите прашања, да ја отвори темата за Бог, за семејството, за човечкиот живот.