Честитка од премиерот Никола Груевски по повод 22 ноември – Денот на албанската азбука

Почитувани припадници на албанската етничка заедница во Република Македонија, почитувани сограѓани,

Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Ова е еден од значајните празници на граѓаните со албанско етничко потекло, кој го одбележуваме согласно нашите заложби и уставно загарантираните права на заедниците кои живеат во Република Македонија. Писмото и писменоста се придобивка, но и постојан двигател на човековиот стремеж за напредок и еманципација. Тие се огледало на цивилизацијата и суштинско обележје на колективната свест и идентитетот на народите. Нивното негување претставува почитување на културните и цивилизациски обележја на народите.

Токму затоа, Владата на Република Македонија и во иднина ќе остане доследна на своите политики на почитување на различностите во нашата држава и негување на нашето мултиетничко општество. Почитувајќи ги идентитетските обележја, покажуваме дека се почитуваме еден со друг. Почитувањето од своја страна раѓа доверба, а довербата раѓа искрен пристап и заеднички напори во насока на развој и напредок на нашата држава, а со тоа и подобар живот на нашите граѓани.

Искрено верувајќи во ваквите принципи, Ве повикувам заеднички да работиме на негување на истите, во секој домен на нашето општество и во секој дел од нашето секојдневие.

Нека Ви е честит 22 ноември - Денот на Албанската азбука !

Со почит,

 

Никола ГРУЕВСКИ