Груевски: Нов објект во Идризово и подобри услови во затворите

Надминувања на бројот на затвореници во македонските затвори има, но не во некои сериозни димензии, а забелешките за преоптовареноста на овие капацитети од Хелсиншкиот комитет се однесува на затворот Идризово.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштање во употреба нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ во општина Аеродром.

Според него, главниот проблем е затворот Идризово и токму затоа почнато е со градба на комплетно нов објект, кој ќе има капацитет за околу 1.500 луѓе, наместо сегашниот за 800 до 900, а во кој има многу повеќе. 

- Тоа е сериозна инвестиција во која не поддржа Банката за развој при Советот на Европа. Градбата почна пред неколку месеци. Се работи интензивно и во период од неколку години треба да се изгради комплетно нов затвор, кој ќе биде многу посовремен, многу помодерен со сите потребни стандарди што ги имаат денешните затвори и на тој  начин да се надмине овој проблем, рече премиерот.

Потенцира дека токму затоа знаејќи за овие препораки и укажувања неколку години е работено на заокружување на финансиската конструкција, па потоа изработка на објект и сега со изградба.

Премиерот додаде дека штом заврши градбата затворениците ќе преминат во новиот дел кој ќе биде во повеќе целини за затворениците од различни категории да бидат одвоени што е стандард во секој затвор.