Премиерот Груевски официјално го пушти во употреба локалниот пат Кавадарци-Ресава

Премиерот Никола Груевски денеска официјално го пушти во употреба локалниот пат од Кавадарци до населеното место Ресава во должина 5,95 километри и со широчина на коловозот од 5,5 метри.

- За локалнот пат до село Ресава инвестиравме околу 32 милиони денари. Со овие средства се изврши проширување и комплетна реконструкција на патот кој во изминатот период беше во исклучително лоша состојба со многу оштетувања, дупки и нерамнини, рече премиерот Груевски обраќајќи се на отворањето на патот.

Нагласи дека станува збор за еден од најфреквентните патишта во регионот на Кавадарци кој е од посебно значење за населените места Ресава, Бегниште и Дабниште, но и за големата викенд населба на Тиквешкото Езеро.

- Ветивме дека ќе го направиме патот и го исполнивме нашето ветување. Денешниот настан е потврда за нашите заложби, нагласи Груевски и најави дека со почетокот на следната градежна сезона ќе почне да се прави и патот од Ресава до Бегниште. Истакна дека во изминатиот период Владата помогнала за реализација на поголем број проекти за решавање на прашања кои ги засегаат граѓаните на општина Кавадарци.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски рече дека во изминатиот период во локални патишта во Општина Кавадарци се инвестирани 1,7 милиони евра и додаде дека покрај патот Кавадарци-Ресава е направен и локалниот пат Ладно Долче-Страгово-Крњево со должина од еден километар во вредност од 8,8 милиони денари.

- Наредната 2014 година во кавадаречко ќе се завршат уште два локални патни правци со вкупна должина од 10,47 километри инвестиција од 84,1 милиони денари и тоа вториот дел од Ладно Долче-Страгово-Крњево со должина од 6 километри и локалниот пат од Ресава до Бегниште со должина од 4,4 километри во вредност од 37,6 милиони денари, рече Георгиевски.

Додаде дека само годинава се изградени неполни 150 километри локални патишта ширум Македонија во вредност од 13,5 милиони евра, а во 2014 и 2015 година ќе бидат изградени уште 100 локални патишта со должина од околу 200 километри инвестиција од 20 милиони евра. Од 2009 до годинава прецизира, дека се изградени вкупно 590 километри локални патишта во вредност од околу 45 милиони евра.

Градоначалникот на Општина Кавадарци Александар Панов посочи дека денешниот настан е потврда оти Владата препознава дека Кавадарци е една од најразвиените општини во земјава.

- Не обвинуваат дека сме вложувале само во споменици. Еве токму овој пат што денеска го пуштаме во употреба е потврда дека вложуваме во потребите на граѓаните, рече Панов.

Нагласи дека со реконструирањето на патот од Кавадарци до Ресава ќе се олесни сообраќајот кон туристичката населба во Тиквешкото Езеро и ќе се намали бројот на сообраќајките што се случуваа поради неговата дотраеност.

Во овој регион премиерот Никола Груевски денеска ќе присуствува и на пуштање во употреба на водоснабдителен систем и регионален пат Кавадарци-Росоман.