Груевски: Инвеститор од ОАЕ одлучи да купи земјиште во Ресен на кое ќе изгради дистрибутивно откупен центар

Инвеститор од Обединетите Арапски Емирати се одлучи да купи земјиште во Ресен на кое ќе изгради дистрибутивно откупен центар за јаболка и друго овошје од Преспанскиот регион, најави премиерот Никола Груевски при денешната посета на Кавадарци.

- Изградбата на откупно дистрибутивниот центар ќе биде значаен импулс за земјоделството во Ресен и Преспа бидејќи ќе го зголеми извозот, ќе им го продолжи рокот на траење на јаболката и на другото овошје и ќе значи сигурен откуп и пласман за оние што ќе склучат договор, истакна Груевски.

Тој посочи дека производството ќе се пласира главно на Блискиот и Средниот Исток, но и во други делови од светот.

- Подолг период работевме да најдеме некој што ќе се одлучи да инвестира во вакво откупен центар во Ресен, а тоа беше и барање на земјоделците. Пред изборите ветивме дека ќе најдеме инвеститор и еве конечно тоа се случи. Земјиштето е продадено, инвеститорот има свој бизнис план и се надевам дека во наредните четири, пет месеци ќе ја почне изградбата на дистрибутивниот центар и оти ќе ја заврши до крајот на следната година, потенцира Груевски.