Пуштен во употреба регионалниот пат Кавадарци-Мушов Гроб

Во општина Кавадардци денеска официјално беше пуштен во употреба реконструираниот регионален пат Кавадарци-Мушов Гроб во должина од 16,3 километри и широчина на коловозот од 5,9 метри.

Реконструкцијата и проширувањето на патот е направено со средства од Владата на Република Македонија во износ од 144,35 милиони денари.

- Со проектот за реконстукција на регионалниот пат Кавадарци -Мушов Гроб решивме едно долгогодишно прашање и голем проблем за жителите од регионот. Овој пат беше еден од  најуништените патишта во овој дел на Македонија на кој со децении наназад не е инвестирано ниту еден денар. Како резултат на таквата состојба граѓаните имаа отежнато движење, времето на патување беше поголемо, а безбедноста во сообраќајот сериозно нарушена, рече премиерот Никола Грууевски во обраќањето на отворањето на патот.

Нагласи дека патот е од огромно значење за жителите на Кавадарци, но и за заживување на селата од бившата општина Конопиште, како и за дрвната и останатата индустрија во кавадаречкиот регион.

Министерот за транспор и врски Миле Јанакиески истакна дека во 2013 година ќе се завршат 13 магистрални и регионални патишта со вкупна должина од 138 километри, инвестиција вредна 1,17 милијарди денари.

- Од 2006 година досега се изградени и 22 од вкупно 260-те километри автопат во земјава. Во моментов се гради автопатот од Демир Капија до Смоквица, а веќе од наредната година ќе започне и изградбата на автопатиштата Скопје-Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, рече Јанакиески.

Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски истакна дека на делницата Кавадарци-Мушов Гроб покрај реконстукцијата на коловозот е извршена и комплетна обнова на сообраќајната сигнализација и патната опрема.