Туниската Кофикаб отвора фабрика во Македонија

Туниската фирма  Кофикаб, меѓу првите три во светот за производство на електрични кабли за автомобилската индустрија, кон средината на идниот месец ќе почне браунфилд инвестиција во Македонија. Како што информира денеска министерот без ресор Веле Самак, во тек е огласот за почетни вработувања.

- За три години ќе има 150 вработувања, 150 среќни семејства.  Кофикаб беше прв на листата произведувачи на кабли. Тие ја видоа големината на локалниот пазар, летово донесоа одлука да инвестираат. Фирмата се наоѓа во постоечка локација во Кавадарци, од каде во средината на декември почнуваат со достава на кабли кон „Дрекслермаер“, а за кратко време и до „Кронберг и Шуберт“, изјави Самак, додавајќи дека догодина Кофикаб предвидува гринфилд инвестиција.

Премиерот Никола Груевски вчера најави дека компанијата планира да изгради производствен капацитет во близина на фабриката на Дрекслермаер во Кавадарци. Станува збор, рече, за компанија партнер на Дрекслермаер која отвора фабрики секаде каде што отвора и Дрекслермаер. - Компанијата веќе ја посети Македонија и од она што го кажа доста е извесно дека ќе дојде во Македонија да произведува одредени делови потребни за производството на Дрекслермаер, изјави Груевски.

Според него, туниската компанија е  бизнис партнер на Дрекслермаер и обично го следи секаде каде што гради фабрики. - Кога Дрекслермаер отвора нова фабрика и тие отвораат на истото место заради намалување на транспортните трошоци  за нивниот производ, истакна Груевски и додаде дека со евентуалната изградба на новата фабрика на тунискиот производител, како што рече, ќе се намали цената на чинење на нивниот, но и на производите на Дрекслермаер.

Кофикаб е членка на Елоуни груп, лидер во производство и продажба на електрични кабли за автомобили. Покрива 13 отсто од светскиот пазар и 30 проценти од европскиот. Во 2010 година обртот достигна 550 милиони евра. Првата фабрика е изградена во Тунис во 1992 година, а во последните две декади, до 2009 година, компанијата отвори капацитети и во Португалија, Мароко, Романија.

Кофикаб произведува за Мерцедес, Фолксваген, Пежо, Ситриоен, Рено, Фиат, БМВ, Опел, Форд,...