Македонско-хрватски бизнис форум

Воспоставување деловни контакти меѓу  компании од различни стопански дејности, размена на меѓусебни информации, договорање за идни предизвици, заеднички настапи на трети пазари и склучување на меѓусебни зделки, се само некои од целите на Македонско-хрватскиот бизинис форум што денеска се одржува во Стопанската комора на Македонија.

На отворањето на форумот присуствува и министрите за економија на Македонија и на Хрватска, а потоа компании од двете земји во непосредни контакти разменуват искуства и иинформации.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески во своето обраќање на отворањето на форумот посочи дека намалената размена меѓу двете земји во текот на минатата година најверојатно се должи на преструктуирањето на Хрватска за влез во Европската унија и излез од ЦЕФТА.

- Сега тие процеси се зад нас и мислиме дека 2014 година треба да е сериозен предизвик за подобрување на соработката меѓу Хрватска и Македонија за што постојат големи можности. Со влегувањето на Хрватска во ЕУ очекуваме поддршка, разменување на искуствата и заеднички настап на трети пазари, рече Азески.

Потенцира дека дури 65 отсто од македонскиот извоз е сконцентриран на шест земји меѓу кои не е Хрватска.

Потпретседателката на Стопанската комора на Хрватска, Весна Трнокоп-Танта нагласи дека постојат огромни можности за соработка особено во енергетиката, гасификацијата, изградбата на далекуводи, мали хидроелектрани, ветерни и соларни електрани,...

- Постојат толку многу предизвици за кои можеме да развиваме заеднички проекти и да ги пренесиме нашите знаења, особено нашите искуства од европските интеграции, рече Трнокоп-Танта.

Нагласи дека имаат големо искуство во подготовката на проектите за добивање средства од европските фондови.

- Нашите знаења и искуства ви ги ставаме на располагање и подготвени сме да ви помогнеме на секое поле, рече Трнокоп-Танта.  

Министерот за економија Ваљон Сарачини рече дека се надева оти од денешниот бизнис форум ќе произлезат конкретни идеи кои во иднина ќе придонесат за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

- Македонија и Хрватска имаат навистина одлични политички односи и меѓусебно се почитуваат, но наша работа е да ги пресликаме таквите односи и во делот на економијата. Договоривме во Хрватска повеќе работи со министерот Врдољак, повеќето од нив се веќе реализирани, а денеска во Скопје потпишавме и договор со кој се воспоставува дополнителна правна рамка за билатерална трговска соработка, рече Сарачини.

Додаде дека за првите девет месеци од годинава трговската раземна меѓу двете земји изнесува 160 милони американски долари, а до крајот се очекува да достигне до 200 милиони.

- Имаме реално избалансирани трговски односи, но наша цел е во наредните пет години Хрватска да биде меѓу петте најголеми трговски партнери на Македонија. Можеби звучи нереално, но зависи од нашата способност, ако повеќе се ангажираме не е невозможно, истакна Сарачини.

Препорача македонските и хрватските компании заедно да настапат на трети пазари зашто, како што рече, сега е вистинскиот момент да се материјализираат трговските врски и компаративните економски предности.

- Се работи за економии кои не се конкуренти меѓу себе. Мислам дека можеме да направиме планови за заеднички настапи на трети пазари, особено во Казахстан, Азербејџан и Узбекистан каде во услови на криза има раст од седум до осум отсто од БДП. Добро е да се бараат стратешки партнери како Турција и преку нив да настапиме на овие пазари. Тоа треба да го направите вие, им порача Сарачини на стопанствениците.

Министерот за економија на Хрватска, Иван Врдољак побара од стопанствениците присутни на бизнис форумот да кажат на кој начин би можеле владите на двете земји да им помогнат за да ја продлабочат меѓусебната соработка. 

- Политиката меѓу двете земји е пријателска, министрите за економија сакаат да ви помогнат, кажете на кој начин да ви помогнеме, прача хрватскиот министер Врдољак.

Тој истакна дека размената меѓу двете земји не е доволна и треба значајно да се зголеми. Препорача компаниите од двете земји да си најдат партнери во другата земја за заемно да си помогнат да влезат на пазарите во кои се веќе присутни партнерите од другата земја. 

- Македонија е 10. најголема дестинација во која вложуваат хрватските инвеститори. Тоа изгледа значајно, но доколку се знае дека од вкупно вложените скоро четири милијарди евра од хрватските инвеститори надвор од Хрватска, на Македонија отпаѓаат само 75 милиони или помалку од 2 отсто, а тоа е ништо, рече Врдољак и нагласи дека се покажува оти Хрватска се концентрирала во вложување во пет до шест земји, а Македонија не направила многу за да привлече хрватски капитал.

Претставникот на компанијата Ѓуро Ѓаковиќ од Славонски Брод истакна дека се заинтересирани за отворање на компанија во поранешните простории на МЗТ Скопје која ќе произведува вагони.

Република Хрватска е 12. трговски партнер на Република Македонија. Во 2012 година размената меѓу двете земји изнесуваше 219 милиони американски долари. Во првите осум месеци од 2013 година вкупната размена изнесува 142,4 милиони американски долари од кои на извоз на македонски производи отпаѓаат 66,5 милиони, а на увоз на стоки од Хрватска 75,9 милиони долари.