Средба на Министрите за надворешни работи на Република Македонија и Француската Република-Никола Попоски и Лоран Фабиус

Министерот Никола Попоски, денес попладне, оствари средба со Министерот Лоран Фабиус и беше примен со највисоки почести во француското Министерство за надворешни работи- Quai d'Orsay.Министерот Фабиус со голем интерес ги нотираше информациите кои Министерот Попоски му ги презентираше околу внатрешните состојби во Македонија, европското прашање во рамки на нашите ЕУ аспирации, билатералната економска соработка, разликите околу прашањето за името и неможноста за напредок во приближувањето кон Унијата и покрај достигнувањата нотирани од страна на Европската Комисија.

Двајцата Министри изразија задоволство од нагорниот тренд на билатерална соработка оваа година и реактуелизиран активен ангажман на Франција на Балканот со цел олеснување на евроинтегративниот процес на земјите кои се кандидати за членство во ЕУ. Во таа насока Фабиус се осврна на Брдо Самитот и произнесената поддршка на францускиот претседател Франсоа Оланд.

Министерот Попоски се заложи за зголемување на француските инвестиции во земјата како важна компонента на економскиот развој и побара поактивен ангажман на Франкофонијата преку отворање на Француска гимназија во Скопје.

Сметаме дека Франција би можела многу да помогне околу деблокирање на патот кон нашите евроатлантски аспирации, истакна министерот Попоски.  Македонија заслужува и е подготвена да ги започне преговорите кои секако ќе се одвиваат одреден временски период , а впрочем 28 парламенти ќе треба да го ратификуваат истото, додаде Попоски.

Министерот Фабиус се заложи дека Франција ќе посвети посебно внимание на покренатите прашања од средбата. Средбата се третира за многу важна имајќи го предвид и фактот дека средба од ваков карактер недостигаше скоро една деценија.