Обраќање на министерот Попоски пред членовите на Работната група за Западен Балкан во Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент

Попладнево министерот Попоски имаше обраќање пред членовите на Работната група за Западен Балкан во Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.

Министерот Попоски се осврна на актуелни прашања од европскиот интегративен процес на Република Македонија. Информираше за активностите на македонската Влада за адресирање на препораките на Европската комисија во клучните области од пристапниот процес поврзани со владеењето на правото - правосудството и внатрешните работи; реформите во јавната администрација; медиумските слободи и професионални стандарди; изборните реформи и зајакнувањето на пазарната економија. За добрососедските односи министерот Попоски истакна дека владата и понатаму активно работи на нивното унапредување и тие “претставуваат фокална точка на нашата надворешна политика.”   

“Почетокот на пристапните преговори со ЕУ и натаму е наш врвен приоритет. Македонските граѓани ја препознаваат и високо ја ценат силната поддршка од Европскиот парламент и Европската комисија на пристапниот процес на Република Македонија. Министерот Попоски побара конструктивен придонес од членовите на Европскиот парламент во насока на одржување на позитивен и конструктивен дух во следната Резолуција за Република Македонија.

Посакуваме сите земји-членки во Советот на ЕУ да се раководат од заедничкиот ЕУ интерес и да донесат одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија. Посакуваме Грција да го поддржи почетокот на преговорите и на тој начин во пресрет на нејзиното претседателство директно да придонесе во евроинтеграцискиот моментум на Балканот“, подвлече министерот Попоски.

Европратениците ја реафирмираа поддршката за неодложен почеток на пристапните преговори со Република Македонија. При тоа, ја нагласија потребата Република Македонија да продолжи да испорачува видливи резултати во реформите во најважните области и да гради добрососедски односи.

Министерот Попоски денес ќе учествува како почесен гостин на приемот што се одржува во организација на неформалната група на европратеници “Пријатели на Македонија“, предводена од европратеникот Мартин Кастлер, и Мисијата на Република Македонија при ЕУ.