Премиерот Груевски и владина делегација во економска посета на Британија и Франција

Почитувани,

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, и владина делегација во состав г-дин Зоран Ставрески, заменик на претседателот на Владата и министер за финансии, г-дин Веле Самак, министер за привлекување странски инвестиции, г-дин Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и г-дин Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата, од денеска (недела, 01.12.2013 година) ќе престојуваат во работна економска посета на Велика Британија и Франција.

Во рамките на посетата владината делегација предводена од премиерот Груевски ќе изврши економска промоција на можностите и поволностите кои Република Македонија ги нуди за странските инвеститори за отворање и водење бизнис во нашата земја.
    
Владината делегација ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форуми во Лондон и Париз, кои се организираат во соработка со реномираната групација „Фајненшл Тајмс“ која учествува во организирањето на настаните и привлекувањето на инвеститорите кои се запознаваат со можностите за инвестиции во нашата земја.

Претседателот на Владата Груевски и владината делегација ќе остварат и средби со македонските иселеници кои живеат или работат во Лондон и Париз.

Предвидена е и посета на медицински установи и болници заради разгледување на опциите и можностите за воспоставување на соработка со македонските јавни здравствени установи, како и средби со претставници на компании кои имаат интерес за Република Македонија како потенцијална инвестициска дестинација и организации со кои остваруваме економска соработка.