Промовирана веб-страница за поддршка на граничните полиции од ЈИЕ

BORDAIRPOL е новиот проект на МАРРИ - Центарот (Регионална иницијатива за миграции, азил и бегалци во ЈИЕ), кој треба да овозможи поддршка на соработката меѓу граничните полиции на аеродромите во Југоисточна Европа во нивните напори за справување со илегалната миграција, тероризмот и криминалот.

Во рамки на Проектот на кој се работи од март, годинава, денеска во присуство на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и претставници на граничните полиции од повеќе земји од регионот, беше промовирана заштитена веб-страница, како прва компонента од неговата тригодишна имплементација. 

Министерката Јанкулоска, во своето обраќање на официјалната промоција на заштитена веб-страница, истакна дека се очекува таа да овозможи ефикасна и брза размена на информации, што ќе овозможи исчекор во унапредување на борбата против криминалот и илегалната миграција.

- Еден од основните предуслови за успешно гранично работење претставува правовремено добивање информација и соодветна реакција. Современите трендови на илегалната миграција и организираниот криминал, бараат исто така современи методи за обезбедување на државната граница - начини на пренесување на информацијата, поврзување на системот во интегрирано гранично обезбедување и преземање соодветни теренски активности...Сметам дека сме на вистинскиот пат за зајакнување на регионалната соработка, промовирање на европската димензија на регионот, унапредување и интензивирање на оперативните капацитети помеѓу земјите членки на МАРРИ во интерес на граѓаните на нашите држави, рече министерката Јанкулоска.

Директорот на МАРРИ Центарот Трпе Стојановски истакна дека креирањето на овој проект базира на потребите на полициите и особено на граничните полиции на земјите членки.

- Веб страницата која денеска ја промовираме е изработена по прв пат воопшто во рамки на регионланите иницијативи и ќе биде одржувана, користена и контролирана од командирите на граничните полиции во ЈИЕ. Во следната фаза од проектот ќе може да евалуираме колку тој придонел за подобра полициска соработка, рече Стојановски.   

Проектот  BORDAIRPOL е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија, од регионалние организации како СЕПКА и од ФРОНТЕКС. Членки на МАРРИ Иницијативата, која е формирана во 2003 година се Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Србија. МАРРИ центарот, пак, кој е до седиште во Скопје, ја носи практичната активност во рамки на иницијативата чија цел е да придонесе кон слободното движење на луѓето од регионот со запазување на безбедноста и просперитетот на регионот.