Инвестиција од 15 милиони денари во Здравствениот дом во Прилеп

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Здравствениот дом во Прилеп и ја најави инвестицијата во таа јавна здравствена установа во висина од 15 милиони денари. Станува збор за прва темелна реконструкција на Прилепскиот здравствен дом.

- Ќе се обновува целата фасада, дограмата, внатрешните ѕидови, а ќе се вгради и лифт кој ќе им помогне на пациентите, посебно на лицата со посебни потреби и со инвалидност. Целата инвестиција е 15 милиони денари, дел од Министерството за здравство, дел пари на Здравствениот дом, изјави Тодоров.

Прилепскиот здравствен дом, посочи министерот, не само што нема долгови, туку е во позитива.

- Здравствениот дом има приход од 2 милиона денари и тоа многу значи за неговото функционирање, особено учеството во неговата обнова, зашто во него се над 40 концесионери и многу пациенти, па се подобруваат условите за работа на лекарите, но и подобра услуга на пациентите, рече Тодоров.

Министерот за здравство нагласи дека во набавка на нова опрема во македонското здравство се вложени 100 милиони евра.

- Министерството за здравство со многу мерки се обидува да ги намали трошоците. Последните години вкупните долгови се намалиле за 50 насто, но се зголемуваат трошоците. Забележително е што се зголемени буџетите на Министерството и на Фондот. Меѓу мерките за намалување на трошоците е преку набавката на лековите и на други мерки, рече Тодоров.

Директорот на Здравствениот дом, Петар Ристески истакна дека реновирањето на Здравствениот дом е во завршна фаза.

- Освен тоа набавени се две нови возила за домашни интервенции, пред се во населените места, набавена е медицинска опрема. Ќе пристигне нов стрес апарат, ЕКГ, мобилен стоматолошки сет, и се е во вредност од четири милиони денари, потенцира Ристески.

Според градоначалникот Марјан Ристески, општината заедно со Министерството целосно се труди да се инвестира во прилепското здравство, се за подобрување на здравствените услуги на жителите.

Министерот Тодоров информираше дека Здравствениот дом, како и Прилепската болница во континуитет кадровски се зајакнуваат. Посочи дека во Здравствен Дом-Прилеп во тек се огласи за вработување двајца доктори на медицина, а од новите вработувања веќе се реализирани вработувањата за четворица доктори на медицина, еден дипломиран хемиски инжинер и еден лаборант.

- Во Општа болница Прилеп во тек се огласи за вработувања 4 доктори, 6 медицински сестри, двајца физиотерапевти, тројца болничари. Претходно се вработени 13 медицински сестри и двајца доктори на медицина Исто така, со преземање е вработен специјалист-радиолог од ПЗУ во ЈЗУ и во тек е постапката за преземање доктор-психијатар. Во изминативе месеци се реализирани стручни едукации во реномирани медицински центри во странство на голем број доктори, медицински сестри и радиолошки техничари, додаде Тодоров.