Отворен шестиот Саем на општини „ЗЕЛС ЕКСПО 2011“

Македонските општини во наредните два дена во рамките на  шестиот Саем „ЗЕЛС ЕКСПО 2011“  ќе можат да ги претставуваат тековните активности, најдобрите проекти и идните планови со кои ќе ги зајакнат капацитетите и ќе обезбедат поголем економски развој.

Саемот што денеска официјално го отвори вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески годинава се одржува под мотото „Локален економски развој и можностите за инвестиции во општините во Република Македонија“.

- Македонија подолг период спроведува реформи во локалната самоуправа. Преку децентрализацијата обезбеди правна рамка за финансирање на општините и зголемување на нивните надлежности со цел ефикасно обезбедување услуги за граѓаните, рече вицепремиерот Ставрески.

По преземените мерки за подигнување на приходниот капацитет на општините, нагласи, до крајот на годинава сите општини ќе преминат во втората фаза од фискалната децентрализација.

- Со измената на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа зголемен е и процентот на приходите од данокот на додадена вредност од 3 на 4,5 проценти, што ќе се реализира етапно до 2013 година и ќе влијае на порастот на приходите на општинските буџети во оваа и наредните години, рече Ставрески.

Во текот на фискалната децентрализација, истакна, предизвик за општините е и развојот на инфраструктурата, ефикасноста на општинската администрација и обезбедувањето ефикасни услуги на локално ниво. Значајна можност за финансирање проекти е новиот инструмент што годинава го воспостави Министерството за финансии за задолжување на општините преку издавање општински обврзници.

- Првата општина која достави барање за задолжување до Министерството е Градот Скопје за финасирање на Проектот подземна сообраќајница, кој е веќе одобрен, рече Ставрески и потсети на проектите што со заемите што ги обезбеди Владата ќе се реализираат во наредниот период.  

Градоначалникот на Град Скопје и претседател  на ЗЕЛС Коце Трајановски оцени дека општините по донесувањето на Законот за градежно земјиште стануваат вистински креатори на развојот на локалната економија. Со можноста сами да менаџираат со државното неизградено земјиште, за што веќе 14 општини ги исполнија условите, рече, сами создаваат поповолни услови за инвестирање и развој на локалното стопанство.

- Примарно барање во сите натамошни преговори со централната власт ќе биде зголемување на финансиската независност на локалните власти, преку зголемување на средствата од зафаќањето на ДДВ во износ од 6 проценти и најмалку 30 проценти од персоналниот данок, рече Трајановски.

Финасиската поткрепа, додаде, е неопходна и за зајакнување на капацитетите на локалната администрација, активност што се спроведува преку Тренинг центарот на ЗЕЛС.

Министерот за локална самоуправа Невзат Бејта истакна дека на саемот учествуваат градоначалници од сите политички партии и оти сите општини преку претставување на своите профили отвораат перспективи за натамошен развој.

- Досегашните успеси на сите општини се резултат на децентрализацијата, како главен столб на општеството и демократијата која централната власт ќе ја поддржува и во иднина, оцени Бејта.

Клучни за општинскиот развој, според него, се законската можност за легализација на дивоградбите и преземањето на надлежностите за управување со градежносто земјиште.

- Приоритет на Министерството за локална самоуправа е да ги поддржи сите иницијативи кои се во насока на локалниот економски развој, истакна Бејта.  

 

Американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс рече дека е многу задоволен што сите 85 македонски општини веќе влегоа во втората фаза од децентрализацијата и додаде дека САД даваа поддршка за време на целиот процес на децентрализација.

- ЗЕЛС заврши одлична работа во однос на својата поддршка што им ја понуди на локалните  власти и е жив доказ дека заедничката желба за зголемувањето на стандардот на живеење може да ги надмине политичките и етничките разлики, големината и географската положба, посочи Волерс и додаде дека САД во 1999 година доделиле милион долари доректна поддршка на ЗЕЛС и над 25 милони долари за олеснување на процесот на децентрализација.

Тој ги повика македонските градоначалници да продолжат да работат под закрила на ЗЕЛС за, како што рече, децентрализацијата да биде успешен процес.    

Швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото нагласи дека неговата земја поддржа голем број проекти во Македонија за подобрување на меѓуетничката соработка, рамномерен регионален развој и заштита на околината на локално ниво.

- Швајцарија долго време ја поддржува децентрализацијата во Македонија. Задоволни сме што покрај тоа можевме да им помогнеме на општините и за подобра организација на работата на комисиите за меѓуопштински односи со обезбедување опрема за симултан превод со што се олесни комуникацијата помеѓу советниците од различни етнички заедници, рече Лазарото.

Тој потенцира дека ЗЕЛС е нивниот стратегиски партнер во сите програми поврзани со процесот на децентрализација. 

Робин Лидел, вршител на должноста шеф на Делегацијата на Европската унија во Македонија истакна дека „ЗЕЛС ЕКСПО“ има витална улога во зајакнувањето на процесот на децентрализација.

- ЕУ продолжува со својата заложба за поддршка на процесот на децентрализација на многу видливи начини и преку европската финансиска помош. Досега за таа намена сме донирале 70 милони евра, бидејќи веруваме дека тоа ќе биде добар и позитивен процес за сите граѓани, рече Лидел.

Тој нагласи дека во натамошниот процес на децентрализација Владата ќе треба да ги посвети сите потребни напори и ресурси со цел процесот да биде целосно оперативен. ЕУ, додаде, активно ќе продолжи да го поддржува процесот на децентрализација.