Меѓународен ден на лица со инвалидност: Постојано да се унапредуваат правата

Спречување на дискриминацијата, подобар пристап до образованието, поголема здравствена и социјална заштита, пристапност до сите институции  и установи, зголемување на бројот на толкувачи... побараа денеска претставниците на седумте здруженија на лицата со различен вид инвалидност.

На средбата што ја оранизираше Националниот совет на инвалидски организации во Македонија организирана по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност на тема „ОН Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност – 2 години од ратификацијата, каде сме и кои се нашите цели“, тие истакнаа оти иако работите се подобруваат во последните години треба и натаму да се работи на подобрувањето на условите за живот на овие лица.

Бранимир Јовановски од Советот на лица со телесен инвалидитет смета дека е неопходно да се надминат пречките со кои се соочуваат лицата со телесна инвалидност во однос на пристапноста до институциите, образовните установи, здравствените установи...

- Основата е пристапноста, бидејќи оттука почнуваат сите други проблеми, односно неможноста за образование, вработување и комплетна инклузија и социјализација во сите општествени пори, рече тој.

Претседателот на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост, ПОРАКА Чедомир Трајковски смета дека е потребно подигнување на јаванта свест за правата и потребите на овие лица, намалување на дискриминацијата преку позитиви кампањи, обезбедување на поголем број служби за рехабилитација и социјални служби, овозможување децата со ваквов вид инвалидитет да можат да се вклучат во редовниот образовен процес, унапредување на здравствената заштита...

Тој како позитивен пример ја посочи последната одлука на Владата за вработување 300 лица со инвалидност, бидејќи како што рече, досега многу малку од нив можеле да најдат работа.

- Најчесто се вработуваа лица со најлесна интелектуална попреченост, а за другите ако има законска можност за тоа речиси и да нема пример.

Претседателот на Националниот совет на инвалидски организации Васко Марков истакна дека во изминатите години работите се движат кон подобро, но посочи дека е многу важно напорите во иднина да се зголемат и на овие лица да им се понудат услови за подобар живот.

Рече дека треба да се зголеми и бројот на толкувачи за проблеми во слухот и говорот да можат подобро да функционираат, нешто за што, како што рече има добра соработка со МТСП и обуки за толкувачи веќе се спроведуваат.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека грижата за овие лица не треба да се покажува само на овој ден, туку, како што рече, постојано треба да се дава максимумот да им се помогне и да им се олесни животот.

- Состојбата никогаш не може да биде идеална, но ние како Влада и надлежно Министерство и во наредниот период ќе го даваме својот максимум континуирано да ја подобруваме состојбата на лицата со инвалидност. Тоа ќе го правиме и во комуникација  со останатите инстутуции за да овозможиме поголеми поволности за овие лица. Со стопанските комори, пак , сме во разговори за формирање посебен фонд кој ќе служи за помош и поддршка на лицата со различен вид и степен на инвалидност, рече Спасов.

Тој посочи на се она што досега го направила Владата, споменувајќи го притоа, вработувањето на 300 лица со инвалидност во државната и јавната администрација, воведувањето додадок за глувост, потоа за мобилност и овозможувањето тој да го користат и лицата со квадриплегија, зголемувањето за 50 проценти на додатокот на самохрани родители кои имаат деца со инвалидност, овозможувањето лицат, отворањето повеќе дневни центри за најралични категории на лица со инвалидност...

- Во завршна фаза е дневниот центар за деца со аутизам, се преземаат градежни активности за дневни центри за деца со пречки со развој во Струмица и деца со оштетен вид и слепи деца во Скопје. Наредната година ќе се отворат уште дополнителни три со што значително ќе се зголеми просторот каде овие децата ќе можат да го поминуваат своето време, рече Спасов.

Додаде дека се работи на обучувањето толкувачи, на стандардизација на знаковниот јазик, како и на изградба на инклузивни игралишта достапни и за децата со инвалидност.