Отворен реновиран дел на Специјалниот завод „Демир Капија“

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика, Муедин Кахвеџи и директорот на Специјалниот завод „Демир Капија“ Петре Николов, по повод Меѓународниот ден на лицата со хендикеп (3.12.2013 година), свечено го пуштија во употреба новиот реновиран дел на Специјалниот завод „Демир Капија“ со вкупна површина од 960м2, кој што е со капацитет за 48 корисници. 

- На овој начин, овозможивме корисниците да бидат сместени во современи услови, односно по едно до две лица со тешка интелектуална попречност во соба, со што ќе имаат достоинствен живот во овој нивен дом каде што во моментов се сместени 231 лице со тешка и најтешка интелектуална попречност. Исто така, лицата ќе имаат на располагање и посебна занимална прилагодена на нивните потреби, рече Спасов и додаде:

-  Меѓународниот ден на лицата со попреченост за мене како министер за труд и социјална политика, е ден кога треба да се направи уште еден поголем исчекор и посветеност од страна на сите нас, за да им се овозможи на овие лица да може целосно да ги уживаат своите основни човекови права. За постигнување на ова потребно е да постои поголема јавна свест за нивните потреби, можности и способности.

Токму затоа, во ова прилика би сакал да се осврнам на започнатиот процес на деинституционализација согласно со Националната Стратегијата за деинституционализација, кој претставува процес на подигање на квалитетот на грижата за овие лица и процес на напуштање на установата со цел заедничко живеење во станбени единици со што тие полесно би се интегрирале во општеството.

Со процесот на деинституционализација, досега 66 лица го имаат напуштено Специјалниот Завод и истите се сместени во 7 станбени единици во Скопје и во 7 станбени единици во Неготино. До крајот на годинава ќе бидат отворени уште 2 станбени единици со што уште 10 корисници ќе ја напуштат оваа установа“.

По повод овој Меѓународен ден, директорот на Специјалниот завод му додели Златна плакета на министерот за труд и социјална политика во знак на признание и благодарност за придонесот во сферата на социјалната заштита на лицата со пречки во развојот.