Договорена соработка со француската болница Сент Луис за обука на медицински персонал од Македонија

Премиерот Никола Груевски попладнево ја посети болницата Сент Луис во Париз каде имаше средба со директорот Емануел Рајсон.

На средбата, договорена е соработка за обука на медицински персонал од Македонија во оваа француска болница.

- Многу сме задоволни што можевме да го пречекаме премиерот на Македонија овде во болницата Сент Луис во Париз и подготвени сме да воспоставиме соработка особено во делот на трансплантацијата, изјави директорот Рајсон по средбата.

Тој истакна дека се решени да пречекаат екипи од Македонија, но и да испратат нивни доктори во нашата држава со цел, како што рече, да се воспостави поголема соработка помеѓу специјалисти од Македонија и од болница Сент Луис

Премиерот Груевски оцени дека оваа француска болница е отидена многу напред во повеќе области, пред се во делот за третирање изгореници, во делот на дерматологијата, на трансплантацијата, како и уште неколку други специјалности, поради што е една од најнапредните во Франција, од која, како што рече, има што да се научи.

- Од тој аспект воспоставувањето соработка со оваа болница ќе биде од корист за сите оние лекари и друг медицински персонал кој во иднина ќе дојде овде на работна обука. Исто така тие се подготвени повремено да испраќаат нивни специјалисти од различни области да дојдат во Македонија и заедно со нашите лекари и друг медицински персонал да работат на методи кои не се применуваат кај нас, истакна премиерот Груевски.