Во Тирана потпишан Меморандум за заедничко управување со басенот на реката Дрим
Контролата и координацијата на водите и биодиверзитетот во Дримскиот слив се дел од обврските опфатени во Меморандумот за заедничко управување со басенот на реката Дрим меѓу Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Грција.
Меморанудмот денеска во Тирана го потпишаа министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и неговиот aлбански колега Фатмир Медиу, како и заменик-министерот за земјоделство и рурален развој на Црна Гора Велизан Вујуиновиќ, заменик-министерот за екологија на Косово Илир Мирена и секретарот за вода при Министерството за животна средина на Грција Андреас Андретакис на конференцијата „Дримскиот дијалог-процес за прекугранична соработка за заштита на Дримски басен“.
Неговата ратификација ќе значи заедничко управување со басенот на реката Дрим на државите низ кои тече, јави известувачот на МИА од Тирана.
- Меморандумот е резултат на неколкугодишната соработка на петте држави околу Дримскиот слив што ги опфаќа Охридското, Преспанското и Скадарското езеро и сливот на реката Дрим, изјави министерот Адеми, посочувајќи дека Република Македонија ги преземала сите обврски околу координцијата, соработката и инвестирањето и оти е подготвена да ги исполни и сите обврски предвидени со Меморандумот.
Идејата за договорот, според него, е државите да соработуваат околу менаџирањето со сливот на реката Црн Дрим, реализацијата на проекти, како и подобра координација за повлекување средства за Дримскиот слив.
- Реката Дрим, која се протега преку државните граници ни овозможува да промовираме позитивна политичка волја за соработка што, се надевам, ќе резултира со обезбедување на предуслови за одржлив развој на регионот, имајќи на ум дека тој претставува кохезија на потребите на државите поврзани со животната средина и енергијата, нагласи ресорниот министер.
Во рамки на посетата на Тирана, Адеми оствари средба со албанскиот колега Медиу на која беше разговарано за заеднички заложби околу зачувување на животната средина.