Орбан: Македонија мора да стане членка на НАТО и ЕУ

Европа мора да го смени својот однос кон Балканот, Балканот не е проблем туку можност на Европа, а Македонија има клуча улога за стабилноста и ако сакаме стабилност на Балканот, Македонија мора да стане членка во НАТО и ЕУ, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин премиерот Никола Груевски.

- Во изминатите години Европа многу загуби од својата тежина, и мора да се позабави со изнаоѓање начин да го врати своето влијание во светот, а тоа најдобро може да го направи со Балканот, истакна унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој додаде дека поддршка не треба да е само резултат на симпатии туку и интерес.

Премиерот Никола Груевски истакна дека Унгарија е искрен пријател на Македонија со која имаме одлични политички и пред се пријателски односи, а денешната посета на високо ниво е уште една потврда за тоа, рече премиерот Никола Груевски. Подвлече дека особено ја цениме поддршката на Унгарија и на Вишеградската група за приемот на Македонија во НАТО и ЕУ.

- Од премиерот Орбан и во оваа пригода добивме потврда дека поддршката од Унгарија за што поскоро отпочнување на пристапните преговори на РМ со ЕУ ќе продолжи со ист интензитет, додаде Груевски.

Во фокусот на средбата била и економската соработка. Орбан се осврна на спогодбите кои беа потпишани во Владата и на бизнис форумот кој треба да се одржи денеска со учество на над 30 унгарски компании. Очекува, вели, тоа да биде добра можност за нивно запознавање со македонски компании и да споделат искуства кои може да им бидат од заемна корист.

- Не доаѓаме како империјалисти, туку сакаме да соработуваме во оние области каде вие имате интерес затоа што сакаме да ви помогнеме во проектите кои се спроведуваат во Македонија и да ви ги пренесеме нашите искуства во полето на земјоделството, водостопанството, преработката и рециклажа на отпадни материјали, и каде можеме да придонесеме во изградбата на стопански капацитети во Македонија, рече унгарскиот премиер.

Тој особено ја подвлече потребата од градење соработка меѓу младите генерации кои треба да бидат основата на идното пријателство со обезбедување 20 стипендии за македонски студенти кои ќе може да студираат на унгарските универзитети, а посакува и унгарски студенти да допатуваат во Македонија.

Премиерот Груевски посочи дека во контекст на натамошно унапредување на како што вели добрите економски релации двајцата заклучиле дека се добри, се потпишани и повеќе акциски планови од областа на образованието, културата и договор за соработка во областа на животната средина.

Унгарскиот оремиер Виктор Орбан попладнево ќе биде одликуван од македонскиот петседател Ѓорге Иванов со орден „8-ми Септември“ како докажан пријател на Македонија.