Бизнис форум - Македонија најконкурентна со ниски трошоци и образована работна сила

Македонија нуди одлични можности за инвестирање, конкурентна е и не само според ниските трошоци, туку и според образованата работна сила. Ова го истакна премиерот Никола Груевски обраќајќи се на денешниот бизнис-форум во Скопје на кој се присутни над 40 компании од Југоисточна Европа.

- Македонија има најниски трошоци за правење бизнис. Нема ниту една друга држава со такви ниски трошоци во Европа, рече премиерот Груевски, додавајќи дека покрај ниските даноци се нуди и можност за ослободување од оданочување на реинвестираната добивка што ја користат две третини од компаниите во Македонија.

Потенцира дека во изминатите години Македонија многу напредуваше во однос на подобрувањето на бизнис-климата, преземајќи повеќе мерки и реформи кои резултираа со привлекување повеќе значајни инвеститори од сферата на глобалните играчи во светот.

- Македонија е држава која до овој степен стигна и преку многу конкретни реформи  што ги презема Владата, истакна премиерот набројуваќи ги регулаторната гилотина, реформите во образованието, ниските даноци, потоа предностите што ги нудат ТИРЗ и поддршката што ја добиваат од Владата. Посочи дека сето ова заедно со некои поситни работи заедно прават мозаик и добра слика за привлекување странски инвеститори. Потврда за добрата бизнис клима е и што голем дел од странските компании во Македонија одлучија да отворат и втора фабрика.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи на фактот дека се дојдени повеќе странски директни инвеститори во земјава и оти тоа говори дека Македонија станува атрактивна бизнис дестинација. Рече дека во моментов се водат разговори со повеќе заинтересирани инвеститори.

Според министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, бизнис-форумот е одлична можност да се претстават предностите за инвестирање во Македонија. Тој изрази надеж дека силни корпорации кои веќе се присутни во ЈИЕ ќе дојдат и во Македонија бидејќи од пред 1,5 година е забележливо дека тие бараат нови локации за својот бизнис кои нудат поповолни услови, а Македонија е една од тие што нудат поволни бизнис услови.

Според Микеле Орзан, претседател на Европската стопанска комора на Централна и Источна Европа, Македонија има одлични инвестициски можности и е држава која има најдобри реформи во бизнис-областа, како и добра заштита на инвеститорите. Потенцира дека за компаниите е важна стабилноста на долг рок и оти е добро што Македонија се труди да ја одржи таа стабилност. Позитивно оцени тоа што Владата и институциите добиваат поддршка 24 часа дневно.

Комората претставува компании од девет земји како Италија, Германија, Австрија, Словенија, Унгарија, Србија, Романија и Бугарија.

Бизнис-форумот е во организација на Кабинетот на Бил Павлески и Европската стопанска комора на Централна и Источна Европа.