Издавање урбанистички планови по електронски пат

Министерството за транспорт и врски планира од следната година сите постапки за изготвување и одобрување урбанистички планови да се одвиваат по електронски пат, по примерот на останатите воведени електронски алатки во овој ресор.

Ако во 2013 година предизвик беше воведувањето електронски систем за издавање одобренија за градење, за следната година тоа ќе биде целосна дигитализација на постапката за донесување и одобрување на урбанистичките планови, рече министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во обраќањето на конференцијата „Вистински импакт за подобро владеење“.

Електронски систем за урбанистичките планови, според него, нема во ниту една држава во Европа, а со неговото воведување ќе се овозможи урбанизација на просторот на потранспарентен и поефикасен начин што ќе ги зголеми инвестициите и ќе го забрза економскиот развој.

Од стартот на електронскиот систем за дозволите за градба на 1 јуни до 1 ноември годинава се поднесени 1.504 барања и веќе се издадени 389 одобренија. Просечното време за добивање на дозволата, истакна Јанакиески, во ноември е 18 дена, а претходно целата постапка се одвиваше за 45 дена, но имаше случаи и за 90 дена.

- Тоа го направивме само со воведување на алатката, ние не ги сменивме луѓето. Од 1 ноември преку истиот систем се спроведуваат сите постапки за добивање одобренија  во областа на градежништвото, наведе Јанакиески.

Распределбата на ЦЕМТ дозволите што ја вовел  по електронски пат во 2006 година била пионер во воведувањето на електронските алатки  во ресорот за давање услуги за граѓаните, на побрз, поефикасен и потранспарентен начин. Електронски, потсети, се одвива и распределбата на возни линии за вршење превоз на патници, на станови, продажбата на државно градежно земјиште...

- Најважна работа во воведувањето на сите електронски алатки е исклучувањето на човековиот фактор. Така ќе биде и за новиот систем за патарини за што е готова проектната документација и ќе се испрати известување до компаниите да дадат финансиски понуди. Системот е без никакво човеково влијание во наплатата на патарините и очекувам на крајот на 2014 или почетокот на 2015 да биде воведен, рече Јанакиески.