Инвеститори од Дубаи ќе извезуваат јаболко од Ресен

Инвеститори од Дубаи ќе градат откупно-дистрибутивен центар и ладилник за јаболка во Ресен, со првична инвестиција од пет милиони евра, која ќе овозможи 100 директни вработувања. 

Бизнисмените од компаниите „Шафа констракшн“ која се занимава со изградба на пристаништа и „Дипи ворлд“, најголем оператор  на пристаништа во светот, ја официјализираа инвестицијата во Македонија денеска  по средбата со премиерот Никола Груевски во Владата. 

Заинтересирани се за инвестиции и во други делови во земјоделството, сточарството, недвижностите и не исклучуваат вкупните инвестиции во Македонија да достигнат 20 милиони евра. 

- Покрај со јаболка, планираме работа и со грозје, ги разгледуваме можностите за одгледување добиток и извоз на Блискиот Исток. Наидовме на многу добар прием, но треба да видиме како ќе се одвиваат работите во иднина. Планираме првично да вложиме 5 милиони евра, а понатаму инвестициите можат да достигнат и 20 милиони евра, изјави инвеститорот Абдошамак Насер.

Денешната е петта нивна посета на Македонија, по првата во март годинава, кога, како што рече, наишле на соработка и услови за водење бизнис какви што воопшто не очекувале. Тука луѓето се многу сериозни и соработуваат со нас, што не е нормално  денес во многу други држави. По првата посета одлучивме да инвестираме, рече Насер. 

Веќе воспоставиле контакт со локалното население со кое планираат добра соработка. Нашата цел, истакна, не е само да дојдеме тука да инвестираме  и да имаме корист само за себе, туку сакаме да бидеме сигурни  дека и локалните жители ќе имаат бенефит и дека ќе имаме добри релации со нив, наведе Насер.

Фирмата на инвеститорите од Дубаи  во Македонија е регистрирана под името „Ејпл ленд“. Ќе извезуваат во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Јемен... Со оглед дека се експлузивни добавувачи за Дубаи експо 2020  година веќе имаат договорен откуп. Денеска е завршена трансакцијата за купување на локацијата за откупно дистрибутивен центар, што треба да биде функционален до крајот на август следната година, по што ќе следи и првиот извоз.

Во првата фаза  до крајот на следната година се планира извоз на 5.000 тони јаболка, а една година потоа во втората фаза уште 5.000 тони.  Вкупната вредност на извозот кога ќе се завршат двете фази на годишно ниво треба да изнесува до шест милиони евра. Покрај изградба на откупно-дистрибутивниот центар и откуп на јаболка од локалното население, плановите на инвеститорот се да купи своја локација за овоштарник од околу 60 хектари.