Јанкулоска на Собрание на Меѓународната антикорупциска академија во Банкок

Долгорочна стратешка цел на Република Македонија е континуираната и бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата, со цел обезбедување економски и политички развој, стабилност и сигурност на земјата и нејзина интеграција во НАТО и ЕУ.

Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање пред годинашното Собрание на земјите членки на ИАЦА – Меѓународната антикорупциска академија, што денеска и во наредните два дена се одржува во Банкок, Тајланд.

Како што информира МВР, Јакулоска посочила  низа стратешки активности на Владата и МВР, како на внатрешен, така и на надворешен план во поглед на борбата против корупцијата во земјава, соопшти ресорното Министерство.

- Во последните неколку години, Република Македонија во соработка со своите партнери од НАТО и ЕУ направи значајни чекори напред во градењето на нормативни и институционални рамки во борба против корупцијата и судирот на интереси, рече Јанкулоска, посочувајќи го донесувањето на Стратегијата за реформа на јавната администрација, со Акциски план за периодот 2010 - 2015.

Еден од стратешките приоритети на МВР, како што истакна Јанкулоска, е борбата против корупцијата и коруптивно однесување меѓу вработените во Министерството и во полицијата, што е клучен предуслов за довербата на граѓаните во полицијата.

Во своето обраќање, како што е наведено во соопштението, Јанкулоска се осврнала и на годишната Програма за борба против корупцијата на МВР, како и дека корупцијата бара широк системски ангажман, кој нема да биде ограничен само на кривично-правното процесуирање.

- Тоа значи превенција - од градење на транспарентни, одговорни системи на владеење, потоа зајакнување на капацитетот на граѓанското општество и медиумите што исто така, ќе вклучува зголемување на јавниот интегритет, односно зајакнување и на личната етика на јавни личности и генерално на граѓаните“.

ИАЦА е меѓународна организација формирана во 2010 година на иницијатива на Република Австрија, а поддршка на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ), Европската канцеларија за спречување измами и други меѓународни инстанци. Во моментов членуваат 64 земји од светот. Седиштето на Асоцијацијата е во Австрија и како прва глобална институција од ваков вид таа е фокусирана на детектирање и надминување на практичните системски недостатоци и надградување на искуствата, знаењата и механизмите во борбата против корупцијата.