Средба на министрите за транспорт на Македонија, Албанија и на Косово

Можностите за либерализација на транспортот на стоки меѓу Република Македонија, Република Албанија и Република Косово беше една од главните теми на дискусија на денешната работна средба во Охрид на министрите за транспорт и врски на трите држави - Миле Јанакиески, Едмонд Хаџинасто и Фихми Мујота.

Како што појасни министерот Јанакиески, во таа насока ќе фокусира и средбата на техничко ниво закажана за 17 јануари идната година во Албанија, на која ќе бидат поканети и други држави од регионот, со цел да добие поширок контекст.

- На денешната средба беше разговарано и за можноста за воспоставување сезонски чартер бродски линии меѓу Охрид и Поградец, за што спроведените анализи покажаа дека нема економски интерес за воспостаување редовна линија, рече Јанакиески, појаснувајќи дека на средбата во јануари ќе има претставници на повеќе институции од Македонија и Албанија, со цел изготвување акциски планови за начинот, како ќе се регулираат царинските и пасошките процедури.

Јанакиески ги информираше неговите колеги од Албанија и Косово за активностите што ги спроведува Македонија во насока на подобрување на патната инфраструктура, пред се договорот за изградба на автопатот Охрид – Кичево, каде градежните работи треба да почнат некаде во првиот квартал идната година.

- Ги презентирав и напорите што Владата ги прави за обезбедување поволен финансиски пакет и конкретни чекори за изградба на автопатот Кичево – Гостивар, нашите планови за ревитализација на магистралниот пат Струга – Дебар, како и за изградба на железничкото поврзување во рамки на Коридорот 8, истакна Јанакиески.

Тој укажа на полезноста од ваквите средби за што, како што истакна, регионалната соработка е мошне значајна, не само за подобрување на севкупните односи, туку и како предуслов што детерминира интензивирање на економската соработка во сите области.

Албанскиот министер за транспорт и инфраструктура Хаџинасто оцени дека е инициран интензивен процес на соработка на ресорните министерства, процес за кој рече дека е отворен за сите останати држави од регионот вклучени во европските интегративни процеси.

- Темите што беа дискутирани ја потврдуваат подготвеноста на трите држави за интензивирање соработка, реализација на инфраструктурни проекти што секако ќе придонесат за економскиот развој во сите негови сегменти, рече Хаџинасто.

Како мошне важни за Република Албанија, тој ги посочи проектите за инфраструктурното поврзување на делот од Коридорот 8.

Косовскиот министер за транспорт и инфраструктура Мујота од своја страна истакна дека средбата беше добра можност за размена на информации по конкретните активности што секоја од земјите ги спроведува за подобрување на инфраструктурно поврзување. Тој нагласи дека во финална фаза е проектот на Владата во Приштина за автопатско поврзување на главниот град на Косово со границата кон Македонија, проект за кој очекува да биде реализиран во рок од три години.

На средбата во Охрид договорено е слична средба на министерско ниво да се реализира во февруари идната година, на која ќе се разговара за заклучоците што ќе произлезат од разговорите на техничко ниво закажана за идниот месец.