Јавна расправа за подобрување на такстот на Предлог-законот за обезбедување лица и имот
Презентацијата на новото законско решение и развивање дискусија и дебата за размена на аргументирани гледишта, ставови и сугестии кои можат да придонесат за дополниетлно подобрување на текстот на новиот закон, особено во делот на обезбедување на транспорт на пари, беше главната цел на денешната јавна расправа за Предлог-законот за обезбедување лица и имот.
На трибината учествуваат претставници од Министерството за внатрешни работи, агенциите за обезбедување, фирми кои имаат сопствено обезбедување и експерти.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која присуствуваше на расправата, рече дека смета оти новите решенија во предлог-законот ќе придонесат за унапредување на дејноста обезбедување на лица и имот, особено во делот на професионализација на агенциите и работниците за обезбедување што треба да резултира со повисок степен на безбедност на лицата и имотот кои се обезбедуваат.
- МВР настојува правовремено и адекватно да одговори на новонастанатите промени и предизвици и како подносител на законот за обезбедување на имот и лица смета дека треба да се базира на широка платформа за консултации на сите засегнати страни. Имаме за цел во новиот предлог да ги инкорпорираме сите постоечки искуства и ресурси во земјава, но и сознанијата на Комората и на стручната и научната јавност. Се надевам дека ова партнерство ќе продуцира квалитетни решенија во законот што ќе овозможат креирање на здрава правна рамка за успешно функционирање во праксата на сите субјекти во обезбедувањето, рече Јанкулоска.
Предлог законот, нагласи, инкорпорира и одредени искуства на државите од регионот, особено од Словенија како земја со слична историја, површина и проблеми, но и членка на ЕУ. Со него работниците за обезбедување добиваат исти овластувања со полициските службеници, но само за имотот и лицата што ги обезбедуваат. Се врши и нормативно усогласување со веќе донесените закони за кривична постапка, за полиција и за внатрешни работи, како и допрецизирање на надлежностите.
- Отворени сме и подготвени да ги прифатиме сите конструктивни сугестии, бидејќи нашата цел е Република Македонија во областа на обезбедувањето да има регулатива која во целост ќе одговара на законската регулатива која се применува во опкружувањето и во Европската унија, изјави министерката Јанкулоска.
Таа прецизира дека припадниците на агенциите за обезбедување имаат право да носат оружје, да употребуваат средства за присилба, да задржуваат лица, но и одговорности за примената на овластувањата.
Претседателот на Комората Верица Милевска - Стефановска рече дека смета оти новиот предлог суштински ги решава многу од спорните прашања кои им создавале проблеми на агенциите за обезбедување во секојдневното работење.
- Комората со свои претставници активно учествуваше во Работната група при МВР за подготвување на овој предлог закон, а истовремено од своите членки на неколку наврати бараше мислења и предлози. Претставниците од МВР покажаа подготвеност да ги прифатат нашите предлози како непосредни вршители на дејноста. Со измените не се предвидуваат радикални промени во генералната поставеност на дејноста, но подетално и попрецизно се уредуваат сите постоечки основи на професијата и се дефинираат применливи законски решенија коии поттикнуват квалитетен развој, рече Милевска - Стефановска, нагласувајќи дека се добиваат поголеми законски овластувања, но и поголеми обврски.
Таа изјави дека предлогот во целина одговара на потребите на агенциите за обезбедување, бидејќи се прифаќаат истите дозволи за работа и истите лиценци и легитимации за физичко обезбедување.
- Единствена новина е техничкото обезбедување за кое ќе треба да се лиценцираат агенциите кои ќе сакаат да работат во тој домен... Инсистиравме да се донесат и нови правила за начинот на вршење на транспорт на пари зошто досега имавме само едно Упатство донесено од Комората за начин на вршење на транспрт кое не соодветствува на условите за транспорт кои денеска се бараат, рече Милевска - Стефановска и додаде дека во изминатите десет години двајца работници за обезбедување на транспорт на пари загинале, а повеќе биле повредени.
Со измените, појасни министерката Јанкулоска, се предвидува стандардот за транспорт на пари за агенциите за обезбедување да биде најмалку ист со стандардите што ги користи МВР за таа намена.
Постојниот Закон за обезбедување на лица и имот е донесен во 1999 година и со него беа поставени правните темели во дејноста на обезбедувањето. Новото предлог-решение го изработи Работна група составена од претставници на МВР и членови на Комората за обезбедување лица и имот. По нејзин предлог законот ќе има одложена примена од шест месеци од неговото стапување во сила заради донесување на неопходните подзаконски акти и правилници.
Според Министерството за внатрешни работи, во земјата се регистрирани 43 агенции за обезбедување од кои егзистираат над 4.000 семејства.