Тодоров и Остојиќ потпишаа План за соработка меѓу министерствата во областа на здравството и медицината

По десет македонски лекари во следните три до пет години ќе одат на специјализација во болниците во Хрватска, која ќе им помогне на Република Македонија во воведување кадаверична трансплантација. Ова се дел од темите предвидени со Планот за соработка меѓу министерствата за здравство на Македонија и на Хрватска во областа на здравството и медицината од 2013 до 2016 година, а кој денеска во Загреб го потпишаа ресорните министри Никола Тодоров и Рајко Остојиќ.

Министерот Тодоров, по потпишувањето на Планот за соработка истакна дека најнапред ќе се фокусираат на специјализации на македонски лекари во Хрватска, особено на специјализанти или лекари од внатрешноста односно од регионалните центри.

- Идејата е да испраќаме по 10 специјализанти или лекари годишно од различни области на полето на гинекологијата, радиологијата, дел од хирургиите односно она што сметаме дека е потребно за сериозно подигнување на нивото на квалитет во регионалните центри во Македонија и на тој начин тие да бидат како чувари на портите на терцијарното ниво односно на Клиничкиот центар во Скопје, односно да се намали бројот на препраќања на пациенти, рече Тодоров.

Посочи дека очекува голема помош од хрватските колеги и здравствените власти во воведување на кадаверична трансплантација особено на абдоменалната и тораковаскуларната, како и помош на Република Македонија на патот кон полноправно членство во Еуротрансплант. Додаде дека Планот ќе овозможи продлабочување на соработката на повеќе полиња во делот на здравството.

Остојиќ истакна дека Планот за соработка опфаќа низа аспекти во размена на знаења, искуства, здравствени експерти. Тој потенцира дека План за соработка потпишале со неколку земји и повеќето од нив направиле чекор напред.

- Ние сме регионален центар за трансплантација на органи во Југоисточна Европа. И ние можеме и треба да учиме од нашите колеги од Македонија. Очекувам и нашите медицински сестри и лекари да ги викнете на едукација и на доедукација. Македонскиот здравствен систем ги отвори вратите на приватниот капитал, постојат приватни болници во Македонија-општи и специјализирани во ортопедија, кардиологија и офталмологија, рече Остојиќ.

Очекуваме, нагласи тој, соработката да биде целосно двонасочна и размената на искуства и знаења да биде заемна.

- Знам дека на полето на кардиологијата и гастроентерологија сте на врвот во Европа, додаде Остојиќ.