Три модерно опремени лаборатории на Клиниката за детски болести
Во Клиниката за детски болести во Скопје денеска официјално беа пуштени во употреба три нови лаборатории, кои ги посетија премиерот Никола Груевски и министрите за здравство и за образование и наука, Никола Тодоров и Панче Кралев. Се работи за лаборатории за нарушен мотилитет на гастроинтестинален тракт со дигестивна ендоскопија кај децата, за детски дијабет и за метаболитички скрининг.
Премиерот Груевски изјави дека опремата е врвна технологија за рано откривање на болести кај деца, вредна околу 1.200.000 евра. Таа ќе овозможи навремено лекување или спречување тешки последици од болести што не може да се излекуваат.
- Сите три вршат прецизна дијагноза за различни видови нарушувања на здравјето кај новороденчиња и кај помали деца, помагаат во нивно рано откривање, регулирање и лекување ако се детектираат во порана фаза. Новата опрема овозможува навремено откривање за да се интервенира и да се спречи и детето да ја нема болеста во животот. За тие што не можат да се излекуваат, може да се регулирааат и одржуваат. Раното откривање ќе спречи потешки последици, рече Груевски.
За оваа клиника е објавен и дополнителен тендер за набавка друг вид медицински апарати, така што вкупната инвестиција за нејзино опремување ќе надмине два милиони евра.
- Со тоа ќе се покријат 99 отсто од потребата за опрема на оваа клиника и во иднина ќе имаме целосно опремена Клиника за детски болести, која не само Скопје, туку за потешки случаи ја опслужува цела Република Македонија. Оваа е единствена клиника во државата од терцијарно здравство, додаде Груевски.
Претседателот на Владата посочи дека новите лаборатории на почеток ќе повлечат зголемени трошоци за реагенси, но на подолг рок со нивната прецизна дијагностика ќе се заштедат пари за лекување на тешки болести и нивно комплицирање.
Груевски ја соопшти и новата мерка на Владата од која корист ќе има оваа клиника. Половина од приходот за регистрација на лековите ќе биде наменет за опремување на клиниката во иднина. Цените за регистрација на лековите, пак, ќе бидат намалени за приближно 20 отсто, а за хомеопатските и хербалните лекови - за 80 проценти.
- Тоа ќе овозможи побрзо, полесно и поевтино регистрирање лекови. Втора новина е што 50 отсто од парите што ќе се примат од регистрацијата на лекови во иднина ќе бидат наменети исклучиво за опрема на Клиниката за детски болести. Ќе излегуваат нови технологии и не сакаме оваа набавка да биде последна. Сакаме за децата во Македонија да има апарати кои ќе бидат во постојан тек со најновите технолошки изуми, истакна премиерот Груевски.
Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека има обучен кадар што ќе работи со новите лаборатории на детската клиника. Со новообјавениот тендер за дополнителна опрема рече дека ќе се набавуваат апарати што клиниката досега ги немала или ги има но се застарени. Таа е вредна околу 700.000 евра и ќе се користи на сите оддели на Клиниката.
Тодоров информираше дека за потребите на детска клиника ќе биде наменето и едно специјално возило од тендерот за набавка на амбулантни возила.
- Со него ќе се овозможи транспорт на деца во клиниката од Скопје и од Македонија, но и од клиниката до други центри во соседните држави заради нивно лекување и операции што не се изведуваат кај нас, рече Тодоров.
Трите нови лаборатории се дел од големиот проект на Владата за набавка на 198 модерно опремени лаборатории. Според премиерот Груевски, проектот се одвива успешно, зашто поголем број од нив се монтирани и за повеќето е завршена обуката и се во употреба.