Ставрески: Растот на БДП годинава околу три проценти

Тековната 2013 година е успешна економска година во која се очекува растот на БДП да биде околу 3 проценти, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на отворањето на ФИНЕКСПО 2013.

- Имаме година на заздравување на економијата. Во првата половина имавме раст од 3,4 проценти, а според досегашните податоци се очекува растот во третиот квартал да биде 3%, истакна Ставрески, оценувајќи дека е остварен максимумот со оглед на случувањата во Европа бидејќи, како што посочи, Македонија има раст кој е најголем во регионот.

Главни носители на растот беа капиталните инвестиции и извозот на странските директни инвестиции.

Најави дека Владата ќе продолжи и во наредната година со капитални инвестиции за што се предвидени 365 милиони евра и дополнителни 160 милиони евра за патишта. Ги повика сите македонски фирми да се вклучат во реализацијата на овие проекти.

Тој потенцира дека ќе се поддржат и македонски фирми за да можат да бидат добавувачи на странските компании кои работат во Македонија.

- Ќе се формира работна група, ќе се детектираат 20-30 домашни компании кои имаат потенцијал и со дополнителни вложувања и обука на вработените да го подигнеме технолошкиот капацитет и да можат да бидат добавувачи на странските компании. Тогаш ќе го постигнеме вистинскиот ефект од привлекувањето на странските инвеститори во земјата, рече вицепремиерот Зоран Ставрески.