Владина делегација оствари средби со повеќе италијански компании

Владина делегација на Република Македонија, предводена од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, во рамки на посетата на Италија денеска престојуваше во регионите Емилија Ромања и Тентино Алто Адиџе.

За време на посетата, како што информира Кабинетот на вицепремиерот Пешевски, членовите на економската делегација оствариле средба со генералниот директор на еден од водечките производители во автомобилската индустрија.

- За време на посетата на фабриката на компанијата беа претставени можностите кои Република Македонија ги нуди за компаниите од автомобилскиот сектор и беше договорена повторна средба со менаџментот на компанијата, на почетокот на идната година, се вели во соопштението.

Исто така, како што се наведува, во соопштението, беше реализиран состанок со претседателот на Ducati Energia, една од водечките произведители во делот на енергетиката, како и десетина други компании од различни индустриски сектори, производители на трактори, на земјоделска механизација, како и компании кои инвестираат во инфраструктура.

Врз основа на состаноците, биле договорени посети на Македонија од страна на неколку италијански компании во првиот квартал на наредната година.

Во градот Клес имало средба со заменик-претседателот на регионот Трентино Алто Адиџе Диего Мосна и посета на групацијата Диатек, која е меѓу водечките компании за визуелна технологија, печатење, производство на лепаци...

- Компанијата во моментов ја скенира состојбата на три земји во Источна Европа, со цел инвестирање и проширување на својот бизнис, меѓу кои е и Република Македонија. Врз основа на деталните разговори и споделените информации, менаџерскиот тим на компанијата најави дека ќе ја посетат Република Македонија во текот на јануари 2014 година, со цел детално да ги запознаат можностите за инвестирање и карактеристиките на деловното опкружување, се вели во соопштението.