Конференција за образованието на возрасните и пазарот на трудот

Центарот за образование на возрасни (ЦОВ) денеска првпат беше организатор на Деновите на доживотно учење, кои во Македонија се одржуваат од 2002 година, а годинава беа одбележани со конференција на тема „Образованието на возрасните и пазарот на трудот“. 

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека МОН ќе го интензивира развојот на доживотното учење, согласно со Стратегијата за доживотно учење донесена од Владата на РМ, која врз основа на соодветни акциски планови се имплементира од институциите.

Во изјава за медиумите тој рече дека Центарот за образование на возрасни ја има клучната улога во тој процес и дека е и задоволен како тој функционира. Досега се одобрени над 40 различни програми за стручни профили, а МОН ги лиценцира провајдерите што ќе ги организираат обуките на кои возрасните стекнуваат квалификации.

- Ние ја скративме постапката и голем дел од своите административни работи нема да ги спроведуваат сами, туку ќе ги спроведува МОН во нивни интерес. Популарно наречените работнички универзитети во минатото беа основната алка со која ние ги спроведувавме, но се спроведува и процес на нивна трансформација. Дел од нив се преземени од општините. Очекувам тоа многу повеќе да се интензивира во наредниот период, затоа што системот на доживотно учење е во интерес и на локалните самоуправи, рече Ристовски.

Директорката на ЦОВ Линдита Ќазими информираше дека интерес од провајдери т.е. организатори на обуките за возрасни, за кои лиценците ги одобрува МОН, има во различни градови и за различни профили.

- Приближно десет провајдери веќе почнаа да ги имплементираат програмите. Како најуспешна можам да ја истакнам обуката за пекари која се реализира преку Работничкиот универзитет во Струмица, зашто десетте кандидати кои ја посетувале веќе се вработија. Тоа покажува дека овие програми се многу потребни на пазарот на трудот, а битна e и нашата натамошна поддршка за неформалното образование во Македонија, рече Ќазими.

Во 2008 година беше донесен Законот за образование на возрасни, кој ги регулира видовите, целите, задачите и надлежните институции кои се одговорни за образование на возрасните.

Во тек е процес на пререгистрација на поранешните работнички универзитети во отворени граѓански универзитети за доживотно учење, кои нудат услуги за стекнување на формално образование, односно за завршување основно и средно образование за возрасни, нивно стручно оспособување, доквалификација и преквалификација.

Четири години функционира и проектот 35/45 на МОН, за достапност на високообразовните установи до повозрасни лица кои сакаат да стекнат високо образование.