Министерството за здравство објави оглас за набавка на 11 биохемиски анализатори

Министерството за здравство објави јавен повик за набавка на тестови за биохемиски анализатори вреден околу седум милиони евра. Економскиот оператор кој ќе го добие тендерот за реагенси ќе треба да обезбеди и 11 автоматски биохемиски анализатори за девет јавни здравствени установи, бесплатен сервис и бесплатна замена на резервни делови, односно целата грижа за нормално нивно функционирање и да постави лабораториски информатички софтвер, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Според него, со овој вид на оглас за јавна набавка на кој главната понуда ќе се однесува на реагенсите и ќе ја добие оној кој ќе настапи со најниски цени, ќе се овозможи заштеда на средства.

Во минатото, појасни министерот Тодоров, набавките се вршеле по обратен редослед. Најпрво некој од добавувачите како донација ги давал анализаторите на јавните здравствени установи, но потоа тие морале да купуваат реагенси од него, бидејќи само тој ги дистрибуира, без претходно да биде договорена нивната цена. На таков начин најчесто реагенсите биле плаќани по многу повисоки цени.

- Со овој тендер, всушност продолжуваме со претходно воспоставениот систем за набавка на биохемиски анализатори. Ова е втора ваква набавка, со претходната која беше пилот проект беа опфатени три здравствени установи, кога беа заштедени средства во висина од околу 40 илјади евра, рече Тодоров.

Анализаторите ќе бидат наменети за клиниките за детски болести, за гинекологија, за хематологија, за онкологија и радиотерапија, за Клиничка биохемија, за Свети Наум Охридски и за клиничките болници во Тетово, Штип и Битола.

Станува збор за вкупно 11 биохемиски анализатори и тоа 1 анализатор со минимум капацитет за изработка на 800 анализи на час и 10 анализатори со минимум капацитет за изработка на 400 анализи на час.

- Економскиот оператор кој ќе биде најповолен понудувач ќе треба да инсталира лабораториски информатички софтвер во здравствените установи за кои се наменети овие анализатори како и дополнително за ГОБ 8 Септември. Софтверот треба да содржи општи лабораториски извештаи, извештај по тест, извештај по вработен, извештај за статус на залиха на тестови, извештај на поминато време по пациент од прием на шалтер до издавање на резултати, статистички анализи и следење Billing  систем за лабораториски услуги, рече Тодоров.

Целта, додаде, е резултатите од испитувањата да бидат издавани електронски и истите да бидат интегрирани со националниот сисем за електронски евиденции во здравството - Мој термин.

Исто така, целосен лабораториски информатички систем, кој поддржува HL7 стандард, и кој ќе биде интегриран со веќе постојниот болнички системм во установата. Интегрираност со сите лабораториски информациски системи во наведените 10 установи и преглед на резултатите независно од тоа каде е правен тестот.