Средношколците ќе посетуваат предавања за штетноста од алкохолот, пушењето и дрогата

Околу 26.000 средношколци од 27 училишта од Градот Скопје од следната недела ќе бидат опфатени со превентивниот проект на министерствата за здравство, за образование и наука и Градот Скопје кој опфаќа интерактивни едукативни предања за штетноста на алкохолот, пушењето и дрогата. Во второто полугодие проектот ќе се спроведува и во другите градови во земјата.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција го промовираше проектот со кој најнапред ќе бидат опфатени средношколците во прва и втора година, а потоа и оние од трета и четврта, осмооделенците и родителите. Проектот ќе почне во среда на 18 декември во Скопје, а потоа од второто полугодие ќе се спроведува во целата држава. Ќе го спроведуваат 46 здравствени работници. Во Скопје тој ќе се спроведе во соработка со Здравствениот дом.

За проектот е направен акциски план и како што информираше Тодоров интерактивните прадавања ќе се одржуваат на првиот и вториот час. - Овој крупен превентивен проект е според препораките на СЗО, изјави министерот посочувајќи дека неговата цел е да се намали бројот на оние што конзумираат алкохол и цигари и користат дрога.

Тодоров вели дека родителите нема да бидат обврзани да присуствуваат на предавањата, но оти на нив ќе им бидат презентирани негативните последици од овие три пороци. - Тие ќе можат рано и брзо да ги препознаат симптомите од користењето на алкохол, цигари и дрога, рече тој.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски изјави дека учениците ќе имаат можност да слушнат за ризиците и последиците по здравјето од стручните лица од превентивните тимови. - Особено важно е што при оваа едукација ќе бидат опфатени и директорите на средните училишта, како и родителите на учениците, изјави градоначалникот Трајановски.

Изготвен ќе биде и едукативен материјал за опасносностите од пороците и за нивното влијание врз здравјето, а предавањата ќе бидат на македонски и на албански јазик.

На прес-конференцијата присуствуваше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски.