Нови 15 наслови од проектот за превод на 1.000 книги од кои се учи на врвните универзитети

Нови 15 наслови од областа на електротехниката, математиката, медицината, стоматологијата, филозофијата, филологијата и физичката култура денеска се промовирани во рамки на проектот за превод на 1.000 стручни и научни книги од кои се учи на врвните и реномирани универзитети.

Со денешната 51 промоција, вкупно се преведени 860 книги од најразлични области со што се привршува реализацијата на овој проект.

Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на промоцијата, изрази надеж дека овие дела ќе бидат искористени на најдобар можен начин и на долг рок ќе донесат многу знаење, успеси, иновации и придобивки за државата.

- Пред нас имаме нов комплет на врвни книги кои како и сите останати кои сме ги промовирале во изминaтиот период претставуваат дела кои се високо оценети и забележани од светската наука. Една убава мисла вели - Некои книги се незаслужно заборавени, но ниту една книга не е незаслужно запаметена и нотирана како посебна и како врвна во својата област. Токму таков тип на книги се дел од овој голем влaдин проект, истакна премиерот Груевски.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски апелираше до студентите и професорите да ги користат овие ученици затоа што тоа е литература која се користи на најреномираните универзитети.

- Се уште има професори кои веруваат дека овие книги се помалку квалитетни од скриптите, но многу сум задоволен од порастот што го имаме забележано во последно време. Оние лица кои се заинтересирани да ги имаат во своите домашни библиотеки, во своите компании или сакаат да ги имаат во своја сопственост може да ги обезбедат по прифатливи цени во книжарниците кои се издавачи, односно ги имаат авторските права на овие книги, рече Ристовски.

Во однос на стручноста на преводот, Ристовски нагласи дека за втората група преводи немаат добиено позначајни забелешки околу квалитетот на преводот.

- Во вториот дел од проектот е направена јасно дефинирана стандардизација на преводите кои се прифатливи заради тоа што голем дел од овие учебници користат стручна литература и неопходно е да имаат квалитетен превод. Морам да кажам дека за втората група на преводи немаме добиено позначајни забелешки и засега сме задоволни, истакна Ристовски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата.