Официјална посета на министерот за надворешни работи Никола Попоски на Индија

Од 16 до 17 декември, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, на покана на својот хомолог, оствари официјална посета на Индија.

 Во Њу Делхи, министерот за надворешни работи на Индија, Салман Куршид свечено го прими министерот Попоски при што во пријателска атмосфера се разговараше за прашања од заеднички интерес. Во контекст на добрата соработка, беше изразена заложбата за заемна поддршка во мултилатералните форуми. Меѓусебното присуство на политичко и економско ниво е од голема важност за да се искористат најдобро билатералните потенцијали, посочи Попоски, додавајќи дека Индија е растечка сила во светски рамки и разбирлива е во денешен контекст заложбата на земјата за позиционирање во СБ на ОН како постојана членка. 

Министрите Попоски и Куршид го потпишаа Договорот за избегнување на двојно оданочување. Со овој договор, отвораме врата за зголемување на инвестициите бидејќи даваме јасен сигнал за предвидливост во бизнис опкружувањето, истакна Попоски и уште повеќе, овој чекор е добредојден за деловните луѓе од сите сектори во двете земји.

Воедно, беше потпишан и Меморандумот за разбирање помеѓу дипломатските академии на двете министерства. Овој чин подразбира дополнителен импулс кон севкупната едукативна соработка. Доделувањата на стипендии од страна на двете Влади се многу важни за подобро запознавање и зајакнување на односите помеѓу двата народа. Констатирано беше дека постои заемен интерес за потпишување на договори и од другите сфери како и натамошно ширење на екомомската рамка. Во оваа насока министерот Попоски информираше за конкретните можности за инвестирање во Македонија и поволностите кои ги нудиме како дел од европскиот интегриран пазар. 

Во рамки на оваа посета, министерот Попоски оствари средба и со државниот министер за надворешни работи, Пренет Кор, која во негова чест приреди работен ручек. Станува збор за почитувана личност во земјата и докажан пријател на Македонија. Побарана беше нашата поддршка за остварување на аспирациите на Индија во рамки на ООН и заложбата за нејзино членство во СЧП како и во ЕКОСОК. Министерот Попоски, детално ги образложи предизвиците со кои се соочуваме во ЕУ и во НАТО аспирациите.  

Исто така, министерот Попоски се сретна и со државниот министер за трговија и индустрија, Сударсана Начијапан. Попоски повика на искористување на поволностите кои земјата ги нуди за странски инвестиции и го најави учеството на наши министри на бизнис форумот кој ќе се оддржи кон крајот на јануари во Индија. Воедно ја повика и индиската страна за организирање на деловни форуми во Македонија. 

Во истата сфера-економската, Попоски се обрати и во една од највлијателните индиски стопански комори презентирајќи ја бизнис климата и економските капацитети на Македонија. 

Министерот Попоски положи и цвеќе во меморијалниот центар на Махатма Ганди-татко на нацијата. 

Посетата на министерот Попоски на Индија, вклучувајќи ги и неодамнешните претходни посети на високи функционери од двете страни, се потврда за заемната посветеност за соработка на економски но и на политички план помеѓу двете земји.