Владата објави мерки за заштита од загaдувањето

Прес-конференција на министерот за животна средна и просторно планирање, г-дин Абдилаќим Адеми и на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

 

Почитувани,

Согласно добиените информации од Управата за хидрометеоролошки работи, се очекува актуелната состојба каде се забележува присуство на поголеми од предвидените концентрации на материи во воздухот да продолжи и во наредните денови, односно да нема интензитет и присуство на ветрови и врнежи. Затоа Владата на денешната седница реши да усвои поголем број на краткорочни мерки кои ќе важат до сабота, 21 декември 2013 година, кога повторно ќе имаме реоценување на ситуацијата. Мерките ќе важат за скопскиот, тетовскиот, битолскиот и кичевскиот регион кај што се цени дека ќе продолжи траењето на овие климатски влијанија во периодот до сабота, за разлика од другите делови на државата каде што се очекуваат како и во изминатите денови поповолни климатски фактори.

Значи мерките и препораките на Владата од утре важат на територијата на овие четири региони со времетраење до сабота, 21 декември 2013 година:

1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, односно - бремените жени и на лицата над 60 години, и оваа обврска важи и за вработените во државниот и во приватниот сектор.

2. Владата зазема став сите правни субјекти за делот од работите што ги извршуваат на отворено, односно имаат работници кои работат во надворешни услови, да ја организираат својата работа на отворено од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници, што од една страна ќе има влијание на заштита на работниците а од друга страна ќе ја намали градежната активност што ќе придонесе за помала емисија на честички во воздухот.

3. Во установите за згрижување на децата (градинките) и во училиштата да не се практикува физичка активност на отворено и да не се изнесуваат децата на отворено.

4. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи во засегнатите регионите да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

5. Сите здравствени установи како и досега продолжуваат да бидат во приправност и зголемена активност и се спремни со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број на лица со предизвици по здравјето.

Сега му давам збор на министерот Адеми да ги истакне останатите мерки, кои пред се имаат еколошка димензија и се во насока на намалување на емисијата на честички во воздухот.

               

Почитувани,

Би сакал да потсетам дека на минатата седница Владата на Република Македонија одржана на 11 декември Министерството за животна средина и просторно планирање ја информираше Владата за состојбата со воздухот. Владата по добиените информации и проценки го задолжи Министерството да подготви анализа и врз основа на анализата и доколку врз основа на прогнозите за метеоролошките услови во следните денови се цени дека ќе продолжат истите климатски услови да предложи конкретни мерки за менаџирање на состојбата со квалитетот на воздухот.

Министерството на денешната седница ја информираше повторно Владата за состојбата и според нашите податоци во Скопје, Тетово, Битола и Кичево неколку денови има надминување на среднодневната гранична вредност. Меѓутоа надминувањето на среднодневната гранична вредност не е во текот на целиот период, туку во одреден период на денот, и тоа од 7:30 часот до 11:00 часот, и од 17:00 часот до 21:00 часот.

За менаџирање и надминување на состојбата треба координација и ангажирање на повеќе институции, од централната како и од локалната власт, но и од граѓаните.

Покрај оние кои претходно беа кажани, Владата ги донесе и овие мерки и препораки кои се во насока на намалување на емисијата на честички во воздухот.

1. Се препорачува на Град Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево да забранат движење на товарни возила во централно градско подрачје од 7:00 до 19:00, освен за возила за снабдување со леб и лекови.

2. Се задолжува МВР да ги пренасочува товарните моторни возила, чија крајна дестинација не е градот Скопје, преку обиколницата на градот.

3. Се препорачува на Градот Скопје и општина Тетово, Битола и Кичево секојдневно и интензивно да ги чистат улиците, особено околу градилиштата.

4. Се задолжува Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во соработка со овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори на Градот Скопје и другите општини да вршат секојдневна контрола во инсталациите кои подлежат на А и Б интегрирани еколошки дозволи.

5. Се задолжува ДИЖС во соработка со инспекторатите на Градот Скопје и другите општини да вршат секојдневна контрола во автосервисите и другите помали компании за кои имат сознанија дека користат употребувано масло за грење.

6.  Се препорачува на компаниите кои добиле А интегрирана еколошка дозвола, а се со седиште во општините во кои се надминуваат вредностите на ПМ10 и ПМ 2,5 честички да работат со редуцирано производство од нивните капацитети во однос на капацитетот со кој работеле во моментот на констатација на состојбата со висока концентрација на честички во воздухот.

7. Се задолжува МЖСПП во соработка со Градот Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево да изработи план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот во соодветната ЕЛС.

8. Се задолжува МЖСПП во соработка со ЕЛС во кои има индикации дека квалитетот на воздухот се влошува да изработи план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот во соодветната ЕЛС.

9. Се задолжува МЖСПП да продолжи редовно да ја информира јавноста за квалитетот на амбиентниот воздух.

10. Се задолжува МЖСПП да ги информира граѓаните за штетното влијание врз квалитот на амбиентниот воздух и здравјето доколку за греење користат прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било какво синтетички материјал.

11. Се задолжува ЈП Македонски Шуми да обезбеди посебна машина за садење на веќе порастени дрвја во градските средини.

12. Се задолжува МЖСПП и МЗ да го мерат квалитетот на воздухот во општини во кои во моментот не се мери квалитетот на воздухот во доволна мера, а мерењето да се врши со мобилните апарати кои се набавени.

13. Се задолжува МЖСПП да предложи измени во законите со кои ќе се предвидат казни за одговорните лица во институцијата која е задолжена да подготви план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздух во соодветната ЕЛС.

               

Препораки за заштита на здравјето:

•Се апелира до сите граѓани да не ги користат своите автомобили без поголема потреба;

•Се апелира до сите граѓани да ги користат средствата за јавен превоз;

•Повеќе лица да се возат со едно возило во исто време;

•Да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал;

•Се повикуваат возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, во спротивно подлежат на ригорозни санкции;

•Се повикуваат сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат систем или се сомневаат во системот за контолирано испуштање на отпадните гасови;

•Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада;

•Јавно се известуваат правните лица кои поседуваат дозволи за дотур на роба издадени од Секторот за сообраќај на Град Скопје дека истите се менуваат и имаат важност во периодот после 19:00 во текот на денот, освен оние што снабдуваат со леб и непастеризирано млеко (краткотрајно млеко);

•Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје;

•Се предупредуваат граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со кои што се загадува воздухот во просториите.