Потпишан договор за соработка со Универзитетот „Ломоносов“

Размена на наставни кадри, ангажирање професори од Московскиот државен универзитет „Михаил Василевич Ломоносов“ како визитинг професори, македонски студенти на професионална пракса и студентски престој во Русија и иницирање на заеднички научно-истражувачки проекти.

Ова наскоро ќе го овозможи Договорот за соработка, што денеска го потпишаа деканите на Медицинскиот факултет во Скопје, на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и на Факултетот за фундаментална медицина при Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ Никола Јанкуловски, Рубин Гулабоски и академик Всеволд А. Ткачук.

На потпишувањето на Договорот, присуствуваа министерот за здравство Никола Тодоров и ректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и Универзитетот „Ломоносов“ Велимир Стојковски и Виктор Антонович Садовничи.

 - Ова е ново поглавје во соработката меѓу Македонија и Руската Федерација во образованието, науката и медицината. Очекувам врз основа на овој договор да можат македонски лекари да бидат обучувани на Универзитетот„Ломоносов“ и да се стекнат со современи знаења и вештини кои ќе можат да ги применуваат во својата секојдневна работа, изјави министерот Тодоров.

Соработката, како што истакна, потребно е да ја надградуваме, особено во медицината, наука во која нема граници. Според него, најголема придобивка од соработката ќе имаат македонските граѓани, а ќе се подигне нивото на квалитет на здравствените услуги во Македонија.

- Потпишувањето на овие договори е круна на нашата 40-годишна соработка и има за цел развој на високото образование и здравството во Македонија, рече ректорот Стојковски, кој е почесен професор на Универзитетот „Ломоносов“. Годинава се навршуваат 40 години од потпишувањето на Договорот за соработка меѓу Универзитетот „Ломоносов“ и УКИМ.

Според ректорот Садовничи, овој договор е нов чекор и значаен потег за понатамошната соработка меѓу двете држави.

- Нашите земји се историски поврзани, имаат блиска култура и традиција и сметаме дека може да се направи уште многу повеќе за соработката и заемните односи меѓу Македонија и Руската федерацација, рече Садовничи.

Деканите Јанкулоски и Гулабоски изразија надеж дека наскоро ќе почнат со размена на студенти специјализанти од сите три циклуси на студирање со цел надградување на знаењето и вештините. Предвидено е создавање и на координативно тело кое ќе овозможи почнување на проекти меѓу факултетите.

Министерот Тодоров денеска го посети и Медицинскиот центар при Универзитетот „Ломоносов“, а утре ќе се сретне со неговата колешка Вeроника Скворцова.