Министерката Канческа-Милевска се сретна со шведскиот амбасадор Стефансон

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во просториите на Министерството оствари средба со Матс Стефансон, амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија.

На средбата, соопшти Министерството за култура, соговорниците изразиле задоволство од досегашната соработка во областа на културата меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, но демонстрирале и подготвеност во следниот период да се интензивира размената на проекти и уметници меѓу двете земји. Канческа-Милевска истакнала дека од огромна важност ќе биде потпишувањето на документ за соработка во областа на културата кој ќе претставува правна рамка за поголема комуникација меѓу институциите.

Шведскиот амбасадор посочил дека имајќи го предвид фактот дека во Шведска има голем број македонски иселеници, значајно ќе биде поголем број на културни содржини од Република Македонија да се презентираат пред шведската јавност.

Министерката за култура потенцирала дека по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, во мај годинава во Стокхолм беше реализирана манифестацијата „Македонија во Шведска“. Во рамките на овој настан, во концертната сала на Кралскиот филхармониски  оркестар, каде што традиционално се доделува Нобеловата награда, со овации беше поздравен настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Како дел од активностите за одбележување на годишнината од билатералните врски меѓу двете земји беше и настапот на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ кои одржаа заеднички концерт со младите музичари од шведското музичко училиште „Лила Академи“ во грандиозниот објект „Ериц Ерицсонхаллен“ во Стокхолм. На концертот беа изведени дела од шведски и од македонски автори, како и заеднички композиции, а како резултат на успешната соработка меѓу двете музички институции, група ученици од „Лила Акдеми“ ја посетија Република Македонија во јуни годинава.

На средбата, Канческа-Милевска информирала и за проектите во Програмата на Министерството за култура, меѓу кои е и проектот за превод на дела на добитници на Нобелова награда за литература каде што е голем бројот на шведските автори чии дела токму преку оваа едиција се достапни и на македонски јазик.