Македонија и Русија ќе ја интензивираат соработката во здравството

Соработката меѓу Македонија и Руската Федерација во здравството е се поактивна и поефективна. Размената на искуства и знаења меѓу македонските и руските доктори ќе продолжи и ќе се продлабочува.

Ова по денешната прва средба во Москва го истакнаа министрите за здравство на двете земји, Никола Тодоров и Вероника Скворцова.

- Може да имаме целосна соработка во сите сфери на здравството, во кадровата политика и во развој на здравствените реформи во двете земји. Развивање на односите во фармацијата, лекарско обезбедување на населението, рече Скворцова.

- Дискутиравме за многу важни теми од областа на здравството, за започнување сериозна соработка во делот на  размена на искуства и знаења меѓу нашите доктори и докторите во Руската Федерација, рече Тодоров.

Тој нагласи дека е значајно што вчера беше потпишан Договорот за соработка меѓу Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип  и Универзитетот „Ломоносов“ во Москва.

- Очекувам дека соработка ќе се продлабочи и во други области, како што е фармацијата, и можност за пониски цени на лекови во Република Македонија, додаде министерот за здравство. 

Тодоров на средбата се осврна на реформите во здравствениот систем во РМ,  како набавка на нова и најсовремена опрема во сите здравствени установи на сите нивоа на здравствена заштита, потоа изградбата на нови болници, реконструкции на постоечките, како и инвестирање во здравствениот кадар.

исто така, тој напоменал и дека има одлична соработка меѓу Македонија и Руската Федерација во фармацијата. „Протекгруп“ е последна руска инвестиција во Македонија, а македонската компанија „Алкалоид“ е присутна на рускиот пазар.