Тодоров: Исклучително е позитивно испраќањето смс за потсетување за закажан термин

Од 16 декември овој месец досега се испратени  13.500 смс пораки за известување на пациентите за закажаниот термин. Со тоа веднаш се забележа подобрување на процентот на оние што доаѓаат на закажаниот термин. Ова на отворената владина седница го истакна министерот за здравство Никола Тодоров.

- Пред воведувањето на овој проект, процентот на пациенти кои го запазуваа закажаниот термин беше околу 65. Со воведувањето на СМС известувањето на пациентите за датумот на кој имаат закажано термин, процентот се зголеми на 87 отсто, рече Тодоров.

Тој нагласи дека видливи се позитивните ефекти од овој проект и најави дека Министерството ќе го продолжи и понатаму.

Тодоров додаде дека на овој начин им се дава можност на граѓаните кои нема да можат да стигнат на закажаниот термин од некои причини, да го откажат со цел да се ослободи место за следен пациент и да се скрати времето на чекање.