Во тек е конкурс за членови на Советот за јавни набавки

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Како што сте веќе информирани Владата на Република Македонија донесе поголем број на законски решенија од областа на јавните набавки, односно измени и дополнувања на Законот за јавни набавки, со кои се врши понатамошно и дополнително унапредување на квалитетот на стандардите во оваа област, и се обезбедува уште понапредно ниво на транспарентност, конкурентност, се создаваат алатки со кои се спречува компромитирање на системот, и се создаваат услови за заштеда на трошоци . Една од законските новини е предвидувањето на ново тело Совет за јавни набавки, кое ќе функционира во рамките на организациската поставеност на Бирото за јавни набавки, а неговите членови ќе ги бира директно Владата и за својата работа Советот за јавни набавки ќе одговара директно пред Владата на Република Македонија. Советот за јавни набавки ќе има многу битна улога во системот за јавни набавки, а неговата значајност ќе се огледа пред се во издавањето на специфичните согласности за реализација на специфични јавни набавки, и во случаите на издавање на специфични согласности за реализација на јавни набавки во специфични услови.
Предвидени се четири видови согласности кои ќе ги издава Советот за јавни набавки и тоа:
-  согласност за техничките спецификации, во случаи кога на пазарот нема најмалку 5 производители или понудувачи кои може да ги задоволат техничките спецификации,
-  согласност за критериумите за утврдување способност, ако условите за способност не ги задоволуваат минималниот број понудувачи утврдени со законот, зависно од видот на постапката,
-  согласност за користење на критериумот економски најповолна понуда,
-  согласност за групирање на повеќе ставки во еден дел – и тоа во случаи само кај набавката на лекови, потрошни медицински материјали и медицински помагала.
Советот има рок од десет работни дена да одлучи дали ќе издаде согласност, а овој рок може да се продолжи за уште пет работни дена кај набавките над 500.000 евра. Ако Советот не издаде согласност, набавувачот не смее да го објави огласот со тие услови или критериуми кои биле предмет на барање согласност.
Советот ќе биде составен од пет члена кои ги именува Владата за период од 4 години со право на резибор. Она што сакаме особено да го акцентираме на оваа прес - конференција е дека Владата веќе го има распишано јавниот конкурс за членови на Советот за јавни набавки, кој ќе трае до петок, 27.12.2013 година. Апелираме до граѓаните за искористување на оваа можност и за конкурирање на истиот.  Лицето кое аплицира за членство во Советот за јавни набавки треба да ги исполнува следните услови:
-да е државјанин на Република Македонија, што се докажува со доказ за државјанство;
-да има најмалку три години искуство во областа на јавните набавки, што се докажува со решенија за учество во комисии за јавни набавки, решенија за распоредување на соодветно работно место поврзано со јавни набавки, потврда за положен испит за лице за јавни набавки, препораки од претходни работодавачи за успешно вршење на работни задачи од областа на јавните набавки и други документи што кандидатот ги смета за соодветни за докажување на искуството во областа и
- да има завршено високо образование, што се докажува со уверение.

Членовите на Советот за јавни набавки не можат да бидат членови во органи и тела кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија или Владата на Република Македонија.
Лицата кои ќе станат членови на Советот, оваа функција ќе ја извршуваат професионално, односно ќе имаат работно време од 40  (четириесет) часа неделно, односно 8 (осум) часа дневно во текот на работната недела, од 8:30 до 16:30, од понеделник до петок - полно работно време.
Документите може да се доставуват по пошта или директно до архивата на Владата на Република Македонија со назнака „Јавен конкурс за именување на членови на Совет за јавни набавки” како што реков заклучно со петок, 27.12.2013 година.

Владата ги повикува сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат овие услови да аплицираат и да ја искористат оваа можност, и со своите способности и стручност да придонесат во реализацијата на општествените цели, во развој на системот, и во остварувањето на општествениот интерес.