Тодоров: Веледрогерија не може да има своја аптека

Веледрогериите што вршат промет на големо со лекови и аптека не смеат да бидат капитално, управувачки или роднински поврзани. Едноставно кажано веледрогерија не може да има своја аптека.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на  јавната расправа по повод Предлог-законот на која учествуваа претставници на веледрогерии, клиники, лекарски комори и асоцијации. Кажа дека се прави сет на многу значајни измени со коишто се овозможуваат неколку новини во системот на продажба и снабдување со лекови.

- Прва и би рекол најзначајна новина е тоа што се овозможува продажба на  ОТЦ препарати, значи лекови коишто се продаваат без рецепти, сега и надвор од аптеките односно во продажни места, во супермаркети и на бензински станици коишто исполнуваат определени услови и за што дозвола дава министерот за здравство, истакна Тодоров.

Појасни дека ова е европски концепт, којшто долго време се применува во САД и концепт што треба да овозможи не само  намалување на цените на овие ОТЦ препарати  поради зголемена конкуренција, туку да се овозможи поголема достапност на ОТЦ препаратите, особено во места каде што нема аптека или каде што аптеката е прилично одалечена.

- Следна крупна измена на овој Закон предвидува секој што има две аптеки во ланец, задолжително мора да отвори една аптека во рурална област. На тој начин сакаме да ја доближиме аптекарската дејност или да ја доближиме оваа услуга до сите граѓани во Република Македонија, особено оние коишто живеат во руралните области. Очекувам како резултат на оваа реформа дека ќе може да се отворат до 99 аптеки во рурални области, значи тоа е максималната можност доколку сите го исполнат овој услов и доколку има интерес од државата да се отворат во толкав број населени места, рурални места аптеки, рече Тодоров.

Тој образложи дека првиот услов е на секои две аптеки во една општина да се отвори една супсидијарна во истата општина во рурална област или во соседна општина, а втората одредба во овој правец е на секои пет аптеки во Македонија да се отвори една суспидијанра рурална аптека.

- Ова е модел кој што е имплементиран во Германија на т.н. супсидијарна аптека, а ова практично сакаме да го имплементираме во Македонија и на тој начин малку подобро да ја разградиме мрежата на аптека со тоа што ќе овозможимем поголем број на аптеки да се отворат во рурални подрачја односно во подрачја каде што досега недостасувало или пак немало интерес ваква аптека да се отвори, појасни министерот.

На новинарско прашање во врска со уапсените двајца доктори од Клиниката за уво, нос и грло, за примање на поткуп, министерот Тодоров кажа дека според него нема ништо погнасно од тоа да се земе мито од болен човек за здравје.

- Органите на прогонот и државата  треба да биде бескурполозна и не треба да се има милост кон оние кои на ваков начи функционираат во здравството. Законот има предвидено ригорозни санкции, доколку се утврди вината доколку се прогласат за виновни треба да се превземат и други мерки предвидени во законот за здравствена заштита, а меѓу кои е и одземање на лиценцата за работа како доктор од страна на Лекарската комора, изјави Тодоров.