Пуштен во употреба реконструираниот граничен премин Блаце

Зголемен проток на луѓе и стока и ефикасност во работењето на граничните служби ќе овозможи реконструираниот граничен премин Блаце со Република Косово. Со реконструкцијата, извршена со финансиска помош од Светска банка во износ од 1,8 милиони евра, зголемен е бројот на сообраќајни ленти од две на четири за влез и од две на три за излез.

Преминот денеска го пуштија во употреба вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на Царинската управа Ванчо Каргов и директорката на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Татјана Проскурјакова.

Реконструкцијата на ГП Блаце, според Ставрески, претставува силен сигнал за добрососедските односи меѓу Македонија и Косово, но и за подигање на условите за граѓаните и бизнис заедницата од двете земји.

- Првиот впечаток за секоја држава се добива на влезот, на царинскиот премин. Беше значајно да се подобрат условите, да се изградат подобри објекти за граѓаните да ја завршат постапката, бизнисмените да ја царинат стоката што ја пренесуваат, но и за царинските работници и припадниците на граничната полиција, кои деноноќно работат тука и го даваат својот максимум за да ја извршуваат функцијата како што треба, рече Ставрески.

За министерската Јанкулоска, реконструкцијата на преминот значи поефикасно и поуспешно работење како од аспект на остварувањето на редовните и законските задачи, така и од аспект на подобрување на квалитетот на меѓуграничната стопанска и друга циркулација.

- За МВР и за граничната полиција важно е што модернизираниот граничен премин ќе има силно влијание и врз зголемување на квалитетот на контрола на секојдневниот прекуграничен проток и е во интерес на граѓаните на Република Македонија, но и на граѓаните од Косово и другите земји кои го користат или ќе го користат, нагласи Јанкулоска.

Според неа, гужвите ќе станат минато, а реконструираниот премин ќе овозможи и растоварување на притисокот и на останатите гранични премини долж овој дел од границата.

Директорот на Царинската управа информира дека покрај условите за побрз проток на луѓе и возила, реконструираниот граничен премин има посебни опремени простории за граничната полиција, за царинската управа и за инспекциските органи, но и за сместување банки, шпедиции и осигурителни компании.

- Ги запазивме и еколошките аспекти. Имаме и нова пречистителна станица направена специјално за потребите на овој граничен премин, истакна Каргов.

За директорката Проскурјакова преминот е од исклучително значење за размената на комуникацијата меѓу Македонија и Косово. - Модернизацијата на овој граничен премин овозможи побрзо и поевтино движење на луѓето и возилата. Завршувањето на граничните процедури сега е поефикасно. Порано граѓаните чекале по 10 минути за премин на границата, а сега само две и пол минути. При влез во државата поминувале просечно по шест возила во еден час, а сега во еден час поминуваат 24 возила, рече Проскурјакова.

Во текот на годинава скоро два милиони луѓе го минале граничниот премин во двата правци. Од јануари до ноември преку Блаце извезени се стоки во вредност од околу 280 милиони американски долари од кои 277 се извоз во Косово. Увозот за истиот период изнесува 51 милион долари од кои 38 се проценува увозот од Косово. Трговската размена преку овој граничен премин за 11 месеци е 330 милиони долари или околу 10 отсто од вкупната трговска размена на земјава.