Државата во 2014 година целосно ќе го финансира СОС Детското село

Министерството за труд и социјална политика од 1 јануари целосно ќе ги финансира сите 12 семејства во СОС Детското село во Скопје. За таа намена ќе одвои околу 6 милиони денари.

Ова го најави ресорниот министер Диме Спасов по денешната посета по повод новогодишните празници на СОС Детското село заедно со премиерот Никола Груевски.

Премиерот Груевски и министерот Спасов на дечињата од СОС Детското  село им подарија новогодишни пакетчиња и пакети со храна, а на барање на Детското село им беше доставен и електричен шпорет.

- Како Министерство за труд и социјална политика ја продолжуваме соработката со СОС Детското село, односно директната финансиска поддршка на СОС семејствата. Во изминатата година финансиски беа поддржувани три СОС семејства, а од јануари 2014 година со договорот кој го потпишавме денеска со директорката на СОС Детското село се предвидува целосно финансиски да ги поддржиме сите 12 СОС семејства, изјави министерот Спасов по доделувањето на пакетчињата.

Тој посочи дека за секое од децата кои се згрижени во СОС Детското село месечно ќе се издвојуваат по околу 8.000 денари или вкупно за поддршка на СОС Детското село за 2014 година ќе се одвојат над 6 милиони денари.

- Тоа ќе значи многу за одржливоста на СОС Детското село кое е позитивен пример на установа во која се згрижуваат децата без родители и родителска грижа. Установата има квалитетни програми кои се модерни и современи, потенцира Спасов.

Директорката на СОС Детското село, Виолета Георгиевска рече дека лани Министерството поддржа три семејства со вкупно 15 деца, а во 2014 година ќе ги поддржи сите 12 семејства во кои во моментов живеат 66 деца.

Таа прецизира дека во СОС Детското село има деца од цела Македонија. Тие, како што рече, доаѓаат преку центрите за социјална работа кои се најчесто нивни старатели иако има и деца чии старатели се роднини.  

Дечињата од СОС Детското село во знак на благодарност за доделените пактечиња пред премиерот Груевски и министерот Спасов одржаа приредба.