Одржана 30-та седница на Владата

С О О П Ш Т Е Н И Е

Владата на Република Македонија вчера(сабота, 26.11.2011 година) ја оддржа својата 30-та редовна седница, при што беа разгледани 94 точки на дневниот ред.

Покрај редовните точки за процесите на европската интеграција, реформите во јавната администрација, реформите за подобрување на состојбите во здравството, Владата расправаше и за повеќе други точки, пред се од сферата на економијата, земјоделството и социјалната политика.

На владината седница посебен акцент беше ставен на прашањата за промоција на туризмот, и во таа смисла беше усвоен Акциониот план за промоција на конгресниот туризам, кој меѓу другото, вклучува создавање на единствена база на информации за сите конгресни сали во Република Македонија и агенции кои што организираат семинари и конференции, која ќе биде промовирана на веб страната на Macedonia Timeless и во печатени брошури за конгресен туризам.

Во насока на развој и поддршка на туризмот, Владата го усвои и Акциониот план за креирање на база на податоци во дигитална форма која би ги опфатила сите постоечки слики, брошури, книги, видео записи за Македонија, туристички спотови, како и презентации за туристичките потенцијали на локално, регионално и на национално ниво. Воедно, беше усвоен и Акциониот план за поддршка на креирање на тренинг центри за туризам и угостителството кој ќе се реализира преку ваучери за финансирање и кофинансирање, за кои што Министерството за економија ќе подготви посебен Закон.

Излегувајќи во пресрет на барањата на компаниите кои што се занимаваат со експлоатација на минерални суровини, Владата одлучи Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи за вршење на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, да се применува од почетокот на секоја календарска година, наместо сегашната пракса според која Тарифникот се донесува и применува од март-април  во тековната година.

Исто така, Владата го прифати барањето на одделни здруженија на превозници и го донесе Правилникот со кој до 30 април 2012 година се овозможува увоз на употребувани возила од категоријата М2 и М3 (минибуси и автобуси) со еуро 2 стандард.

Во однос на земјоделството, Владата го усвои Акциониот план предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за воспоставување Шумарски информативен систем  преку кој со соодветно разграничување и идентификација на парцелите, ќе се обезбеди т.н. Катастар на шуми, односно единствена база на податоци за површини под шума, површини под шумски видови и други релевантни податоци.

Владата ја разгледуваше и ја усвои информацијата со која утврди конкретни задолженија за Министерството за информатичко општество и администрација, во насока на создавање можност за плаќање на определени јавни давачки преку мобилен телефон.

За наведените, како и за останатите точки од дневниот ред кои беа разгледани и по кои беше одлучувано, и за текот на реализацијата на истите, владините институции соодветно и детално ќе ја информираат јавноста.