Пуштена во работа 110 киловолтната разводна постројка во Петровец

Македонскиот електропреносен систем-оператор АД МЕПСО денеска стави под напон 110 киловолтна разводна постројка преку која постоечката трансформаторска станица „Петровец“ која се наоѓа во оваа општина директно се поврза на националниот електроенергетски систем со кој управува ова акционерско друштво.

Со оваа инвестиција, во која се вложени над еден милион евра, значително ќе се подобри доверливоста на електроенергетскиот систем, напонските прилики и снабдувањето со електрична енергија во четири општини во овој дел на скопскиот регион.

Честитајќи им ја Новата година на граѓаните и на присутните, претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, истакна дека ставањето во функција на новата разводна постројка ќе значи решавање на еден голем проблем кој го имаа жителите од овој регион. Во сите изминати години бројот на жители на Петровец се зголемуваше, се зголемуваа и бројот на домаќинствата и приклучоци за струја со што постојано ослабуваше мрежата и доводот на струја.

- Знаејќи дека овој проблем е приоритет за решавање во општина Петровец ние ветивме дека ќе го решиме проблемот и ветувањето го исполнивме, изјави Груевски.

Во изминатиот период преку АД МЕПСО инвестиравме околу еден милион евра, со што за период од шест месеци се изгради потребната инфраструктура со која трафостаницата „Петровец“ се приклучи на преносната електро-енергетска мрежа со која управува МЕПСО. Тоа значи, рече Груевски, стабилно снабдување со електрична енергија и конечно надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

Во изминатите неколку години во делот на инвестиции во електроенергетската мрежа беа спроведени поголем број проекти, а воедно оваа и наредните години треба да се реализираат повеќе проекти чија вредност изнесува преку 65 милиони евра.

Станува збор, истакна Груевски, за изградба на 400 киловолтниот далновод меѓу Македонија и Србија, реконструкција на 110 киловолтниот далновод Скопје – Тетово во должина од 52 километри, изградба на 110 киловолтниот далновод од трафостаница „Битола 3“ до трафостаница „Битола 4“, изградба на 110 киловолтниот далвновод од хидроцентрала „Вруток“ до трафостаница „Полог“ и трафостаница „Тетово“, како и доопремување и осовременување на четири трафостаници во мрежата на МЕПСО.

Во рамки на овие проекти спаѓаат и реконструкцијата на 110 киловолтниот далновод Скопје – Куманово, набавка на нов систем Систем за надзор, управување, прибирање и преземање на податоци за електроенергетскиот систем ан Република Македонија, изграба на 400 киловолтен далновод меѓу Македонија и Албанија на трасата Битола – Елбасан во должина од 95 километри...

Директорот на АД МЕПСО Синиша Спасов истакна дека во изминатите шест месеци максимално посветено се работеше на подигање и изградба на енергетската инфраструктура со која трансформаторската станица во Петровец беше приклучена преносната мрежа .

- Изградивме и ставивме во функција енергетска инвестиција која регионално гледано е многу важна, рече Спасов.

Потенцира дека за жителите на Петровец ова значи стабилизирање на напонските прилики, доверливо снабдување со електрична енергија и просперитет и создавање услови за економски раст и развој. - За инвеститорите во деловната зона „Ќојлија“ ова значи отворена покана за добра зделка, рече директорот на МЕПСО.

Инвестиција во опрема за потребите на разводната постројка е над 455.000 евра и таа е набавена од светски реномираниот производител „Сименс“ – Германија, како дел од заеднички проект за изградба на 110/35/10 киловолтна трансформациска станица „Петровец“. Околу 445.000 евра се инвестирани во изградба на разводна постројка и приклучок на преносната мрежа.